Закон како закон, закон за заштита на здравјето на жената, закон за заштита на животот на неродените бебиња.Ама нели е иронично тоа што штитејќи живот, тој во исто време убива нешто многу важно за понатамошен развој на демократијата во земјата – го убива правото на слобода на избор, од корен ја уништува можноста жената сама да си донесе одлука. Ама секој со свое гледиште на оваа тема што сите не засега, и стари и млади, и жени и мажи. И искористувајќи го правото на говор, поттикната и испровоцирана од стереотипите и предрасудите кои деновиве кружат низ социјалните медуми за тоа дека противниците на овој закон се бесчуствителни луѓе што немаат грижа на совеста, решив да го напишам овој текст и да ја прикажам гледната точка на противниците на оваа рестрикција.
-Со овој закон се грижиме за здравјето на жените.
За чие здравје се грижите? За здравјето на оние жени кои живеат со просечна македонска плата, па уште според вас треба да ја имаат таа супер-моќ и дете (читај три деца) да ги одгледуваат со неа? Па какво здравје ќе е тоа кога по цел ден ќе се мисли и ќе се грижи како да најде пари за: маркирана облека, добар мобилен, карти за кино, театар, утакмица, за одмор, за екскурзија, па за уште еден добар мобилен бидејќи на стариот му поминала модата, а и не е веќе функционален. Како да најде пари за да му го овозможи на детето се’ ова, како да му го направи животот нормален, за да не му се смеат другарчињата?
Ќе прашате, а како ќе најде пари за абортус? Ќе најде, ќе позајми од баба и дедо, мама и тато, вујко и вујна, другарка, ќе најде некоја работа, било каква.Тоа не е трошок за цел живот, можеш да направиш абортус, ама и да одгледуваш дете со позајмени пари.
Следно прашање: Па сигурно знаела за контрацепција? Да, знаела.Ама знаела и дека го нема 100 проценти сигурното. Кондомот може да пукне, таблетите предизвикуваат низа нус-појави: нечиста кожа, лошење, главоболка, напрегнати гради, зголемување на тежината, воспаленија на вагината или лесни депресии и да редам уште што не. А за дијафрагма, спирала и остало, не сакам ни да слушнам, се надевам дека сте свесни какви огормни последици може да донесат.
И уште нешто за здравјето, велите се грижите за здравјето на жената. Па таа знае и сама да се грижи за своето здравје. Ако подлегне на абортус и дојде до последици сама ќе си ги сноси нема вас да ве обвинува. Ама ако не подлегне на абортус и цел живот се мачи, а попатно гледа како и детето и се мачи немајќи ги потребните услови, е тогаш вас ќе ве обвинува што не сте и дале можност.
А сега да преминеме на друг сегмент од овој закон, со кои очи, со кој здрав разум побогу на силувано девојче ќе му речете врати се дома и размислувај во следните 3 дена!? Наместо да се погрижите да го фатите злосторникот вие ќе се погрижите да ја уништите уште повеќе психички додека ја носите низ целиот процес на одобрување/одбивање. А дали помисливте дека (постојат многу изопачени умови, многу психопати, а ВИКАМ НЕ ДАЈ БОЖЕ) некоја девојка може да биде двапати силувана во иста година? Што тогаш? Ништо роди си го, после него уште едно, па и трето и живеј си среќно до крајот на животот, како што пропагираат вашите реклами.
Ама најомилениот дел ми е: тоа е убиство, убиството треба да се забрани, се убива детски живот итн итн. Што правиме со правото на избор? А го запоставуваме и рационалното размислување?
Јас тоа го гледам многу поразлично од вас, убиство е да родиш дете во Македонија. Убиство е да си при здрав разум, а да подариш роденден на некој којшто секоја година ќе го пцуе и проколнува тој ден (ако се прашуваш зошто, прочитај закон за медиуми, спор со име, просечна македонска плата, прогуглај македонско образование и спореди го со тоа во Финска, па ако сакаш и било која друга европска држава, попат разгледај за екстерно, за да стигнеш до економија и наплаќање по возило и човек за влез во Македонија на сите што се од Косово). Да родиш некој којшто ќе сака да се самоубие, ќе сака да избега од државава и да оди било каде, која е целта на тоа?
Александра Филипова