Во Македонија во однос на правото на организирање и мирно собирање на детето, остануваат на ниво на декларативен карактер, со тоа што, отсуствува можноста тие сами да можат да се организираат на училишно, локално и национално ниво, а притоа тоа да им биде признаено,пишува Мартин Лазаревски, Програмски асистент на Учиме право програма, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Средношколците претставуваат една од најважните категории во нашето општество. Овој статус тие го стекнуваат со тоа што најчесто од нив започнуваат промени во образованието, преку средното образование тие почнуваат да се организираат со цел да ги остварат своите права, учат за демократските вредности кои потоа ги пренесуваат и практикуваат, а подоцна прераснуваат во одговорни и активни граѓани кои придонесуваат за поквалитетно општество.
Организирањето на средношколците е различно поставено во рамките на училиштата, односно, некои имаат организација на групи преку кои се обидуваат да ги остварат своите средношколски права, во некои средини пак, има средношколска заедница која што во секое училиште е различно развиена, со различен степен на организација и слобода во одлучувањето. Некаде може да се сретне средношколско организирање кое што постои само на хартија и е во целост неактивно, меѓутоа постојат и училишта каде што нивото на средношколско организирање е толку мало што е еднакво на непостоечко.
Она што е заедничко за сите средношколци е тоа што тие имаат потреба и право кое им следува според членот 12 од Конвенцијата за правата на детето, кој наведува дека секое дете има право на свое мислење и свој став, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кои што се однесуваат на детето.
Принципот на учество е основа на нашата демократска култура. Училиштата кои не го земаат предвид овој принцип само половично ја извршуваат својата улога и не ги остваруваат доволно своите капацитети. Меѓутоа, оваа категорија на деца се соочува со многу поголеми проблеми кога станува за збор за средношколско организирање отколку на прв поглед. Тука можеме да ги споменеме квалитетот на наставата, комуникација професор-ученик, нивната (не)застапеност во носењето на одлуки кои директно ги засегаат самите нив, начинот на оценување, начинот на бирање претседател на клас, групна казна, дополнителни активности. Често пати сме биле сведоци на ситуации кога средношколците се затворени во своите училишта од страна на своите директори кога тие сакаат да организираат мирен собир против одлуки кои што не се поволни за нив (екстерно тестирање) или пак да се приклучат на мирен собир организиран од нивните врсници, а притоа знаејќи дека овие права им се загарантирани според Уставот на Република Македонија.
Понатаму, доколку погледнеме во националните документи во Република Македонија, можеме да заклучиме дека во однос на правото на организирање и мирно собирање на детето, остануваат на ниво на декларативен карактер, со тоа што, отсуствува можноста тие сами да можат да се организираат на училишно, локално и национално ниво, а притоа тоа да им биде признаено.
Средношколското учество во образовниот систем е материја која што до сега не е законски регулирана во Република Македонија. Од горенаведеното можеме да заклучиме дека е потребна измена во Законот за средно образование, каде би се гарантирале минимум стандарди за средношколско организирање и учество. Преку оваа измена би им се овозможило на средношколците простор за нивно организирање на начин на кој што ќе се чуе и „ученичкиот глас“ во процесите кои што се одвиваат во училиштата, а се однесуваат на нив самите. На тој начин во оние училишта каде што има некаква форма на здружување, истата би била зајакната, додека пак онаму каде што воопшто ја нема, со овие законски измени ќе се гарантира правото на здружување и учество на ученикот со што, покрај веќе наведените придобивки ќе се придонесе и кон подобрен квалитет на живот на средношколците и развивање на нивните демократски капацитети.
Врз основа на претходно наведеното, Младински образовен форум, Коалицијата на младински организации СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши како организации кои се релевантни во полето на детски права и учество на младите преку отворање на процес на детектирање на потребите на учениците, испитувањето на можностите за регулирање на нивното учество во образовниот систем како и согледување на компаративните искуства од регионот и Европските земји, започнаа иницијатива за измена на Законот за средно образование.
Целта на иницијативата е да се обезбедат соодветни политики и пракси за самоорганизирање и учество на учениците во управување на сопствените училишта.
Во предлог Законот за средно образование се предвидува концептот на ученичкото учество и можност за ученичко организирање. Оваа промена е инспирирана од Конвенцијата за правата на детето како право на слободно изразување и мислење и право на здружување, мирно собирање, односно, тоа се права кои што претставуваат основа на едно демократско општество.
Во работата на ученичкиот парламент и во комисиите се предвидува активно учество на наставниците со цел да се создаде систем на взаемна соработка и доверба помеѓу учениците и наставниците.Покрај овие промени, се предлата и формирање на Унија на ученички парламенти, како највисок облик на организирање на учениците од средното образование во Република Македонија, која својата работа ја уредува со Статут, кој го носи Собранието на Унијата на ученичките парламенти.
Исто така, се предвидува и можност учениците да се организираат во ученички групи, клубови и други форми на организирање со цел да се постигнат пошироките цели на средното образование и воспитување.
Дополнително, преку овој предлог се придонесува кон демократизација на образовните процеси преку воведување на инклузивен модел на учество на сите засегнати страни.