Локалните и централната власт да не го опструираат бизнисот, да ги почитуваат законските и административните постапки, наместо да ги менуваат одлуките и деталните урбанистички планови преку ноќ, апелира денеска Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Комората како случаи ги посочи станбениот објект во општина Карпош и оној во Аеродром, спроти Мајчин дом, чија изградба времено е стопирана на 15 денови.
Kомпаниите сметаат дека граѓаните реагираат зашто биле изманипулирани и доведени во заблуда од политичките партии, а најгласни на протестите, велат тие, биле оние советници што ги поддржале ДУП-овите.
„За оваа локација цела година подготвувавме документи. Многу пари вложивме и многу работници ангажиравме. Правиме и повеќе зеленило отколку што има. Не е целта да земаме обесштетување, туку да ја развиваме економијата, да вработиме луѓе и да придонесуваме за државата. Во моментов имаме времено стопирање на изградбата поради неправилно поставување на оградата, но ќе продолжиме со работа за 15 дена“, изјави инвеститорот на објектот кај Мајчин дом, бизнисменот Фатмир Етеми, информирајќи дека досега вложил 5,5 милиони евра, а вкупната инвестиција е околу 12 милиона.
Според сопственикот на компанијата „ЗСФ-Ком“, не може откако ќе се завршат сите постапки и откако инвеститорот ќе ги добие сите одобренија, некој да му каже дека не може да гради.
„Ако не сум имал право законски да градам, не требало да ми издадат одобрение за градба“, рече Етеми.
Потенцира дека се работи за 5.000 квадрати земјиште, при што не се гради на целата парцела, туку на само 1.700 метри квадратни. Другиот дел, вели тој, од околу 3.000 квадрати ќе биде зеленило и паркинг. Проектот дополнително предвидува и хоризонтални и вертикални градини што според Етеми е многу скапа инвестиција.
Воедно, тој тврди дека ако трендот на опаѓање во градежништвото продолжи, становите ќе поскапат.
Штетата на инвеститорот во Карпош, пак, Менди Ќира, се проценува на околу 10 милиони евра зашто толкава е вредноста на елитниот станбен објект што треба да го гради и за кој ги има извадено сите потребни документи, а платил и комуналии. Но, во меѓувреме, ДУП-от е сменет.
Претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа ваквите работи ги окарактеризира како „пречки од локалната и централната власт за компанииите“. Според него, ова не значи само стагнација на бизнисот, туку и обесхрабрување на натамошни вложувања.
„Силно ги осудуваме дневните политики кои ги попречуваат капиталните инвестиции, а имаат единствена цел да добијат поени на сметка на бизнисот“, напомена Хоџа, потсетувајќи дека градежништвото во вториот квартал годинава бележи пад од околу 13 отсто.
Инаку, општина Аеродром во септември издаде одобрение за градба за компанијата „ЗСФ-Ком“, продолжувајќи го процесот за објектот од претходното општинско раководство, кое и покрај протестите од јавноста, сепак го донесе спорниот ДУП И10. Градоначалникот Златко Марин на последните обраќања до јавноста изјави дека ќе стори се’ што може да ја сопре изградбата на деветкатницата врз зеленилото кај Мајчин дом.
Во Аеродром претходната недела се одржаа протести, а потоа и вонредна седница на општинскиот Советот, каде беше најавено формирање на партиципативно тело за урбанизам. Во телото ќе учествуваат претставници од месните заедници, здруженија на граѓани и стручни лица од областа на урбанизмот, за директно урбанистичкото планирање на општината.