Ирската комисија за заштита на податоци ја казни компанијата Мета, во чија сопственост е најголемата социјална мрежа Фејсбук, со рекордни 1,2 милијарди евра поради прекршување на правилата за заштита на личните податоци во Европската Унија.
Мета, кои најавија дека ќе се жалат на одлуката, е казнета поради „продолжен трансфер на лични податоци“ на корисници од Европската економска зона во САД што е спротивно на строгите ЕУ правила според Општата регулатива за заштита на податоци (ГДПР), соопштија од Ирската комисија, кои дејствуваа во име на ЕУ.
Истрагата ја водеше Ирската комисија за заштита на податоци и тие сега работат на забрана за легалните алатки кои Фејсбук ги користи за да префрла европски кориснички податоци во САД. Од ЕУ велат дека ирскиот регулатор има еден месец за да даде наредба со која ќе се блокираат прекуокеанските преноси на податоци од Фејсбук. Забраната би можела да стапи на сила во средината на мај.
Забраната е поради загриженоста дека американските разузнувачки агенции можат да пристапат до информациите.
Европскиот суд на правдата во 2020 година пресуди дека договорот за трансфер на податоци меѓу ЕУ и САД е невалиден, поради опасност од следење.
На крајот на минатата година Мета беше казнета со 265 милиони евра од Ирската комисија за заштита на податоци поради прекршување на ГДПР правилата. Истрагата беше покрената поради наводи дека податоци од повеќе од 533 милиони корисници биле пронајдени на вебсајт за хакери. Податоците вклучуваат имиња, Фејсбук профили, телефонски броеви, локации, датуми на раѓање и мејл адреси на луѓе од повеќе од 100 држави.
Мета претходно се закани дека ќе ги отстрани нивните услуги од Европа поради овие проблеми со податоците.