Компанијата Мета, во чија сопственост се социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп, соопшти дека ќе отпушти 13% од своите вработени.
Ова е прво вакво масовно намалување на кадарот во историјата на компанијата, а според информациите без работа ќе останат 11.000 луѓе од вкупно 87.000 вработени во Мета.
Според директорот на Мета, Марк Закерберг, отказите биле „најтешката промена која ја направиле во историјата на компанијата“.
„Знам колку е ова тешко за сите и особено ми е жал за оние кои се директно засегнати од одлуката“, стои во соопштението до медиумите на Закерберг.
„Многу луѓе предвидуваа дека ова ќе биде постојано забрзување. Тоа го мислев и јас и донесов одлука значително да ги зголемам нашите инвестиции. Сепак макроекономскиот пад и зголемената конкуренција придонесоа приходите да бидат многу пониски од очекуваното. Тоа беше моја грешка и ја преземам одговорноста за тоа“, додаде сопственикот на Мета.
Оваа одлука доаѓа откако конкурентската компанија Твитер, која беше преземена од Илон Маск, најави дека ќе го преполови бројот на вработените.
Закерберг посочува дека компанијата во иднина ќе стави фокус на области како вештачката интелигенција, рекламирањето и долгорочната визија за метаверузмот.
Вработените од САД на кои им се врачени откази ќе добијат средства во вредност на четири месечни плати и дополнително по една неделна плата за секоја година од нивниот стаж во компанијата. Дополнително од Мета на отпуштените работници ќе им биде исплаќано здравственото осигурување во следните шест месеци. Слични услови ќе добијат и отпуштените работници во остатокот од светот.