Композиторката Гала Насева го објави својот деби албум насловен „Опус 1-8“.
Се состои од 8 теми во вкупно времетраење од 28 минути, кои Насева елегантно ги трансформира во композиции на емоција и атмосфера, користејќи пијано, чело и електронски елементи.
„Покрај неколкуте луцидни минијатури, се издвојува Опус 7/8 во која авторката на инвентивен начин ги поврзува македонското музичко наследство и авангардниот израз на современата класична музика“, велат од независниот музички издавач Шарла Рекордс, кој стои зад ова издание.
Гала Насева е композиторка на современа класична музика од Скопје која дел од своето формално музичко образование го стекнала на катедрата по музикологија на германскиот универзитет ,,Јустус Либиг” во Гизен.
Таму и ги започнала своите први авторски чекори, работејќи дела за разни арт перформанси и театарски претстави. Токму овие композиции го сочинуваат јадрото на албумот „Опус 1-8“ во кој се вклучени и две соработки со композиторот Глигор Кондовски.