Комшии и роднини помагаат со интернет и смартфони – онлајн настава во руралните средини

Кога се затворија училиштата поради новиот коронавирус, наставникот по англиски јазик во селото Долнени се соочи со проблем. Го мачеше мислата како ќе се спроведе онлајн настава за неговите ученици. Дали тоа ќе функционира… ќе се вклучат ли сите ученици…

Влатко Секулоски предава во ООУ„Пецо Даскалот“, во руралната прилепска општина. Два месеци откако учениците беа пратени дома, наставата тече, но не оди сè како подмачкано.

Прв проблем со кој се соочиле бил која платформа да се избере, а потоа и како да се вклучат родителите.

„Мислам дека е поголем предизвик отколку во урбани средини, пред сè поради структурата на родителите. Ние и претходно се соочувавме со истите проблеми на социјална запоставеност, сега тоа е само поизразено, бара поголема дисциплина и вложување од страна на родителите. Сега нема поголем автторитет кој може да се наметне. Ние се обидуваме како одделенски раководители да се јавуваме кај родителите, ама сето тоа има ограничен успех“, искрен е наставникот.

Токму поради структурата на населението, тие одбраа да ја користат училишната страница на Фејсбук како платформа за настава. Направија посебна група за секое одделение. Во неа членуваат само учениците од одделението и наставниците кои им предаваат. Секуловски вели дека голем дел од родителите тешко се снаоѓаат со отворање мејлови. Затоа и платформите кои првично беа предложени од надлежните, беше тешко да се имплементираат во оваа средина.

„Можевме и со `Гугл Класрум`, ама не се вешти родителите со е-маил адреси. Но, имаат Фејсбук и сите ги гледаат објавите. За одделенска настава има видеа на платформата на МОН – Едуино, па наставниците лесно споделуваат од оваа платформа. Домашната се праќа во инбокс, или под објавата со слика, за да се види што е сработено од ученикот. Генерално, 60-70% учествуваат во наставата. Има еден дел кои сигурно ги гледаат објавите, ама нема повратна информација. Ништо не враќаат. А околу 10% од учениците немаат ниту интернет или компјутер“, раскажува наставникот.

Како училиште, вели, пратиле список до Министерството за образование со овие ученици, но досега ништо не направено за да се помогне.

„Јас сум класен во деветто оделение, од 13 деца, едно дете нема пристап, заедно со неговата сестричка која е седмо одделение. Немаме најдено соодветно решение. Знам дека во Општина Прилеп, некое семејство бизнисмени од Тетово донираа околу 1000 таблети, но во општина Долнени немаше ништо“, вели Секулоски.

Пласница

Ниту учениците од Општина Пласница немаат добиено помош во опрема или интернет за следење на наставата по затворањето на училиштата. Сепак, објаснува Ајнур Бајрамоски, директор на ОУ „Јунус Емре“, успеале да ги вклучат сите ученици во наставата. Со своите мобилни телефони и интернет, помагале соседите, роднините, пријателите на овие ученици.

„Засега, буквално сите ученици се опфатени. На почетокот, некои позагрозени ученици, тоа беше проблем, па ќе им помогнеше некој комшија или братучед кој има телефон, за да дојдат во контакт со наставникот и до лекцијата. Најчесто, барем еден во семејството има телефон. Ми побараа од МОН податоци за социјално загрозени родители. Ги пратив, но немаме ништо добиено. Ваучери за интернет исто така не сме добиле. Кај оние кои немаа, помогнаа комшиите, помогнаа роднини на учениците, така се снаоѓаат и контактираат со наставниците“, вели Бајрамоски.

Училиштето кое го води е специфично и по тоа што настава се спроведува и на македонски и на турски јазик. Има 27 професори и 160 ученици. Олеснување е што класовите се помали, во просек по 15 ученици, или помалку во подрачните училишта.

Па така, секој наставник прво добил задача да стапи во контакт со своите ученици, а потоа направиле и распоред на предавања. Сепак, не било можно да се користи само една платформа.

„Тие наставници што предаваат турски, побарав да си направат своја програма за предавање. Им беше дозволено да ја користат платформата која сметаат дека е најсоодветна, или преку Зум, или Месинџер, Вибер. Многу ученици немаат мејлови, па сега често се користи аудио снимање, наставникот го снима и праќа предавањето на лекцијата на Вибер. Кога ќе ја направат домашната, ќе ја снимат и пратат кај наставниците. Дури имаше наставници кои имаа тестирање преку Зум, преку камера. Еднаш неделно имаме и Зум состанок со сите наставници, за секој да каже како тече реализација на наставата“, објаснува директорот.

Тој вели дека е задоволен од ангажираноста на наставниците, но и изненаден од проактивноста на родителите.

„Кај нас во рурална средина, посебно за овој регон, за време на редовна настава, за родителски средби доаѓаа многу малку родители. Од 15 ученици, само 5-6 родители доаѓаа на родителска. Ама сега, јас сум позитивно изненаден, родителите се активирани. Ова придонесе наставниците и родителите да се зближат и верувам дека ќе продолжи и понатаму оваа соработка родител, ученик и наставник“, додава Бајрамоски.

Со слични проблеми се соочуваат и учениците од Желино. Наставникот Нагип Велиу предава историја на учениците од шесто до деветто одделение во ООУ „Пашко Васа“, во селото Групчин.

„Не е иста наставата како на час во училиште. Така беше многу подобро. Сепак, се снаоѓаме. Вака, над 90% од учениците ја следат наставата. Користиме Едмодо и Зум. Учениците на Едмодо враќаат задачи и поставуваат прашања, ако им е нешто нејасно“, вели наставникот.

Тој додава дека секое дете има пристап барем до мобилен телефон, ама со оглед на состојбата, имаат разбирање и за оние малку деца кои се нередовни во следењето на наставата.

„Некои деца кои имаа проблеми добија некои ајподи, од донации кои дојдоа во општина Желино, од приватни компании кои донираа на повеќе општини, па и кај нас. Тоа многу помогна. Сега, нема дете кое нема ајпод или телефон. Интернет имаат сите. Ама еве, пред една недела, два дена немавме интернет бидејќи багер го искина кабелот. Вакви проблеми се случувааат“, раскажува наставникот.

На прашањето, дали е возможно вака да се следи наставата и во иднина, на долг рок наставникот вели.

„ Ќе помине и ова. Мора да помине.“

ООУ „Пашко Васа“

МОН: Наставата тече без проблеми

Од Министерството за образование немаат конкретна бројка за тоа колку ученици немаат пристап до онлајн наставата. Велат дека сите училишта организирале некаква форма на далечинско учење и кај нив не е пријавен никаков проблем во однос на реализација на едукацијата на учениците на ваков начин.

Потврдуваат дека побарале податоци од училиштата за тоа на колку ученици немаат услови за следење онлајн настава, но не биле задоволни од информациите кои ги добиле.

„МОН се обрати до училиштата со цел да се обезбедат податоци од аспект на тоа на колкав број ученици им е потребна интервентна помош, односно поддршка за вклучување во далечинското учење во кое не учествуваат поради тоа што не поседуваат електронски уред или интернет во својот дом. Но поради недоразбирање, податоците кои ги добивме не беа соодветни и реални, па затоа се обративме до МТСП со цел обезбедување на попрецизен податок за бројот на ученици кои потекнуваат од социјално ранливи семејства. Веднаш потоа со Македонски телеком беше потпишан договор за донација при што беа обезбедени картички за бесплатен месечен интернет од 10 ГБ за 30 илјади ученици. Паралелно, работевме и на нотирање на учениците кои во своите домови немаат никаков ИТ уред и со поддршка на локалните самоуправи и бизнис заедницата истите ги обезбедуваме со лаптоп или персонални компјутери, смарт телефони, таблет компјутери и слично“, велат од МОН.

Ј.Ј.