Деведесет Јавни комунални претпријатија, преку АДКОМ-Здружение за даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија со дописи до Владата на РСМ, Регулаторната комисија за водни услуги и услуги за управување со отпад и Министерство за енергетика упатија барање за повластена цена на електричната енергија за Јавните комунални претпријатија.
Од здружението посочуваат дека помалку од 10% од струјата што претпријатијата ја трошат отпаѓа на административни објекти, додека повеќе од 90% од потрошената електрична енергија го опфаќа работењето на пумпните станици за питка вода, атмосферските и фекалните пумпни станици и на пречистителните станици за отпадни води.
„Финансиската импликација на енормно високата цена на електричната енергија е застрашувачка во однос на тековното работење на претпријатијата“, велат од Здружението за даватели на комунални услуги.
Од здружението бараат Jавните комунални претпријатија да склучат договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ по цена по која истата ја продава на универзалниот снабдувач со електрична енергија.
„Доколку не се преземат соодветни мерки може да се очекува нередовно водоснабдување на населението и пречистување на отпадните води, што во крајна линија ќе го загрози здравјето на населението во целата држава и ќе предизвиканесогледливи еколошки проблеми“, велат оттаму.