Како дел од својата актуелна европска турнеја, во Скопје доаѓа англискиот мултиинструменталист, композитор и импровизатор Фред Фрит. Концертот во организација на Скопски џез фестивал ќе се одржи во среда (21 февруари), во камерната сала на Македонска филхармонија со почеток во 20 часот.
Фред Фрит е професор на Милс колеџот во Оукленд, Калифорнија (образовниот “епицентар“ на експерименталната музика). Култен иноватор, гитарист, композитор и импровизатор. Англичанецот кој три децении ја водеше легендарната група „Henry Cow“, во доцните седумдесетти години на минатиот век се сели во Америка и почнува да соработува со познати њујоршки експериментални музичари.
По издавањето на влијателниот албум „Guitar Solos” во 1974 година, Фрит обезбедува многу влијателно место на имровизаторската сцена во светот, не само како признат соло изведувач туку и во друштво на музичари како Бил Ласвел, Брајан Ино, Дерек Бејли, Хан Бенинк, Крис Катлер, Лол Коксил, Роберт Вајат, Том Кора, Зина Паркинс, Резидентс, Икуе Мори, Џон Зорн (со Зорн беше дел од групата Naked City) и други. Неуморно работеше со поголем број состави, како Skeleton Crew, Massacre, Keep the Dog, Art Bears, Guitar Quartet, Eye to Ear, Cosa Brava. Неговото име се среќава на повеќе од 400 дискографски изданија.
Билети за неговиот концерт по цена од 600 денари се во продажба во: Македонска филхармонија, Југотон Рекордс и онлајн на www.jugoton.mk.