Во среда (26 април) во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе настапи камерниот ансамбл „Консонанс“. На програмата се дела од Хајдн, Феранте, Барток, Гершвин, Бранѓолица и други.
Ансамблот е формиран во 2007 година, како уникатна формација која ја сочинуваат дрвени дувачки инструменти. Тој е посветен на камерното музицирање и истражување на звукот кој овие инструменти го создаваат заедно.
„Составен е од музичари кои се членови на НУ Филхармонија, кои освен оркестарското музицирање, ја негуваат и камерната музика, а исто така настапуваат и како солисти. Покрај настапите на сите позначајни фестивали на домашната музичка сцена, ‘Консонанс’ има остварено настапи и во Црна Гора, Р. Бугарија и САД. Ансамблот има издадено и еден носач на звук“, се посочува во најавата за настанот.
Во ансамблот членуваат Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ, Здравко Ангелов, Игор Бакревски и Сашко Темелковски.
„Елена Дојчинова (флејта) е вработена во оркестарот на НУ Филхармонија на позицијата прва флејта. Исто така активна е на музичката сцена како член на неколку камерни состави и како солист. Маја Чанаќевиќ (англиски рог) долги години е член на ансамблот на НУ Филхармонија на позицијата англиски рог и обоа. Покрај посветеноста на оркестарското музицирање, таа настапува како солист и е член на неколку камерни состави. Здравко Ангелов (кларинет) е истакнат солист на оркестарот на НУ Филхармонија и е нејзин долгогодишен прв кларинетист. Активно го негува солистичкиот пристап но евидентна е и неговата посветеност за камерното музицирање. Тој воедно е и водач на ансамблот „Консонанс“. Игор Бакревски (кларинет) е прв кларинетист во оркестарот на Филхармонијата кој активно се занимава со камерното музицирање, но и со професионално снимање на оркестарска музика. Долги години беше член и на оркестарот на НУ Националната oпера и балет, а исто така е член на повеќе камерни состави. Сашко Темелковски (бас кларинет) е вработен во НУ Филхармонија на позицијата бас кларинет и кларинет. Покрај симфониското музицирање тој е посветен и на снимање на оркестарска музика и камерното музицирање“, додаваат организаторите.