Македонската филхармонија и оваа година ќе го реализира традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“, овојпат со музика од филмовите на режисерот Стенли Кјубрик.
Концертот ќе се одржи во среда, на 19 јуни во Градскиот парк со почеток во 21 часот.
„Концертот носи наслов ‘Одисеја 2024’, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм ‘2001: Вселенска одисеја’, но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија во јубилејот којшто годинава го слави оваа најстара национална институција – 80 години од постоењето“, велат од Филхармонија.
„Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика“, додаваат оттаму.