Вечерва (19 јуни) со почеток во 21 часот во Градскиот парк во Скопје, Македонската филхармонија ќе го реализира традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“.
Како што информираат оттаму, концертот насловен „Одисеја 2024“ е инспиран од филмот „2001: Вселенска одисеја“ на режисерот Стенли Кјубрик.
Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.
„Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика“, велат од Филхармонија.