„КРИК – Фестивал за критичка култура 2023“ започнува со музички концерт на „Millions of Dead Tourists“ од Грција, кои во петок (12 мај) од 21 часот ќе свират во скопска „Ла Кања“.
Од „КРИК“ информираат дека групата „Millions of dead tourists“ е основана во Истанбул, во 2016 година. Тие се базирани во Атина и Солун. Користат и злоупотребуваат две бас гитари, машина за тапани, разни синтисајзери и електронски уреди, четворица луѓе, а во последно време и микрофон.
На концертот во „Ла Кања“ ќе го претстават својот нов албум „Healthy“ кој неодамна беше издаден на винил и ЦД.
„Здравствениот удар од 2020 година наметна низа услови без преседан: мутација на човековите права во привилегии; проширување на дигиталниот надзор на секој аспект од животот; трансформацијата на телото од крајна сопственост на поединецот во проблематична биолошка конструкција која мора широко да се отвори за државните и биотехнолошките интервенции. Првичната загриженост дека новата парадигма што се стремеше да се наметне е инспирирана од дистописки научно-фантастични сценарија набрзо се трансформирала во ужас од сознанието дека вистинскиот прирачник за настава на нашето време е 1984-ма. Овој албум беше снимен токму во овој мрачен тригодишен период на затворање, казни и воспоставување на постојана вонредна состојба“, велат од „КРИК“.
Во „Millions of Dead Tourists“ свират: Јанис – бас, ефекти, Иасон на синт, семпли, тапан и машина, Сотирис на бас и ефекти, и Николас – вокал и ефекти.
Концертот ќе се одржи на отворено на просторот пред барот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија и влезот е бесплатен.
„’КРИК’со овој концерт има за цел да придонесе кон развојот на локалната алтернативна музичка сцена, преку претставување на еден од најсовремените и најкритички гласови во музичка сцена во Грција“, велат од фестивалот.