Младите бендови „Red18“ и „Basement Cult“ и артистот и диџеј DamageControl ќе настапат во кафичот „Радост“ во Битола во сабота, 26 октомври, со почеток од 21 часот. Концертот го организира Младинскиот културен центар (МКЦ) во Битола.
„’Red18′ е бенд од Скопје, кој постои од 2022 година, а на Елена, Јован, Павел, Аце и Димиш воопшто не им е важно да се ограничуваат жанровски. Важно им е само луѓето кои се дојдени на нивните настапи, да си поминат убаво! Тие прават музика каква што сакаат, а на нивните настапи не може а да не танцувате. Дел на англиски, дел на македонски, тие ќе ви ја раскажат нивната приказна, затоа не ја пропуштајте нивната прва свирка во Битола“, се вели во најавата на МКЦ за „Red18“.
Додека пак, „Basement Cult“ е тричлен бенд формиран во 2018 година. Денес го сочинуваат Павел Кузмановски – вокал, Горазд Наневски – гитара и Дејан Апостоловски – тапани.
„’Basement Cult’ почна како школски cover бенд кој го забележа сопствениот потенцијал и почна да твори авторска музика. Нивниот звук и стил се одликуваат со експериментирање и иновативност, што ги прави уникатни на македонската музичка сцена“, посочуваат од МКЦ.
Во најавата за артистот и диџеј DamageControl од Скопје, се вели дека ги истражува различните звучни полиња на македонската младина и ја покажува својата перспектива на модерната музика. Под појасот има екпериментален електронски албум (DMGCTRL+) и алтернативен хип хоп албум (Фала ви и убава вечер).
„Покрај неговата оригинална музика, тој има работено и на други прокети како ‘Леб и вода’ од Никартиќ и ‘Астрал’ од Аудиоцигла“, додаваат оттаму.
Влезот е слободен. Настапите се спроведуваат во рамки на проектот Урбана Агенда на МКЦ – Битола кој е поддршка на неависната културна сцена, финансиран од Амбасадата на Швајцарија во Македонија.