Кафе и филм „Котур“ во среда (27 ноември) е домаќин на концертот на „Проект Жлуст“, најавена како една од најдобрите акустични македонски групи.
Овој пат, велат организаторите, ќе ги слушнеме композициите на Иван Бејков и Џијан Емин, кои се спој на џез, македонскиот и балканскиот фолклор, звуците на класичната европска традиција, во еден романтичарски манир.
„Специјален гостин е музичкиот уметник од Франција, Оливје Самуилан, кој беше дел од првата постава на бендот кој важеше за еден од највлијателните состави и кој зад себе остави бројни незаборавни концерти и неколку исклучителни изданија. Не пропуштајте ја оваа ретка прилика, да се слушнат ‘Проект Жлуст’ во живо по пауза од десет години. Овој нивен камбек ќе значи и повторно обединување на врвните музичари и музички автори“, се вели во најавата за настанот.
Почетокот на концертот е од 21:30 часот, а влезот е 150 денари.