Познатиот виолинист и диригент Сергеј Крилов доаѓа во Скопје. Како што информираат од Македонската филхармонија, Крилов ќе настапи на концертот „Езотерија“, кој ќе се одржи во четврток 11.04 со почеток во 20 часот.
„Заедно со Крилов, кој се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација и веќе одамна етаблиран и како диригент, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе: Симфонија бр.1, оп. 25 -„Класична“, најпопуларната симфонија од Сергеј Прокофјев, потоа Концертот за виолина и оркестар бр. 1, оп.26 во g-moll, најизведуваното и најпознатото дело од Макс Брух, како и романтичарската Четврта симфонија на музичкиот „Прометеј“ – Лудвиг ван Бетовен.“ – изјавуваат од таму и додаваат дека концертот „Езотерија“ ќе донесе комплексна програма и уникатен начин на работа, со уметник каков што ретко слушаме на нашата музичка сцена.
Инаку, Сергеј Крилов кој е роден во 1970 година во Москва се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација. Тој е веќе етаблиран и како диригент, а особено значајно во неговата кариера е неговата функција како директор на Литванскиот камерен оркестар со кој редовно ја презема двојната улога на солист и диригент. Настапувал на сите значајни концертни подиуми, меѓу кои и со Берлинската и Минхенската филхармонија, виенскиот „Музиквереин“, Театарот на Елисејските Полиња во Париз, Академијата „Санта Чечилија“ во Рим, „Ла Скала“ во Милано, ширум Русија, во Европа и Кина.
Роден во семејство на музичари, Сергеј Крилов виолина почнал да изучува на свои пет години, а по само една година, го одржал и својот прв концерт. На десетгодишна возраст веќе станал студент во класите на врвните виолинисти Сергеј Кравченко и Абрам Штерн на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и веднаш ги реализирал своите оркестарски дебија низ Русија, Кина, Полска, Финска и Германија. На 16 години го снимил Моцартовиот „Концерт К 219“, како и бројни дела за Руската радио-телевизија.
Носител е на бројни први награди на меѓународни натпревари, како „Антонио Страдивари“ во Кремона, „Родолфо Липицер“ во Италија и „Фриц Крајслер“ во Виена.