Концерт на „Сирил Сирил“ и шест филмови вечерва на „Синедејс“

Вечерва е шеста вечер од овогодинешното издание на европскиот фестивал за филм „Синедејс“ кој се одржува во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. На платото во МКЦ ќе можат да се погледнат шест филмови, како и да се проследи концертот на швајцарското дуо „Сирил-Сирил“.

Прв ќе се прикаже филмот „Марчело Мио“ (Marcello Mio) од Кристоф Оноре со почеток во 19 и 30 часот во кино „Фросина“.

„Ќерката на славната италијанска филмска икона Марчело Мастројани облекува црн костум и се претвора во ликовите што татко ѝ ги игра во ‘8½’ и ‘Ла Долче Вита’, внесувајќи забава во француските филмски кругови“, велат од МКЦ за филмот.

Додека пак, од 20 часот во Кинотека ќе биде прикажан филмот „Скопје 1963-77“ во кој е документиран еден од најтажните денови во историјата на Скопје, како изгледал градот тие денови и како скопјани се организирале обидувајќи се да ги вратат нештата во нормален тек.

Фото: МКЦ / Фејсбук

„Засекогаш држи си го мирот“ (Forever hold your peace) е филм од Иван Мариновиќ кој почнува кога два дена пред црногорска традиционална свадба невестата се предомислува, а на платото во паркот на МКЦ ќе бисе прикажан во 20 и 30 часот.

Потоа, со почеток во 21 и 30 часот во кино „Фросина“ ќе се прикаже „Покровот“ (The Shrouds) на Дејвид Кроненберг.

„Морничав, мрачен, но и смешен хорор, кој на некој начин е инспириран од смртта на сопругата на Кроненберг во 2017 година“, истакнуваат од МКЦ.

Во меѓувреме ќе се прикаже и „Духот на екстази“ (Spirit of Ecstasy) од Хелена Клоц надвор во Кинотека од 21 и 30 часот. Филмот го претставува светот во кој живееме, во кој доминира технолошкото забрзување и каде општественииот статус е често директно поврзан со парите, па „местото на луѓето на бојното поле во иднината“ е во прашање.

Веднаш потоа од 22 и 30 часот на платото во паркот ќе биде прикажан дебитантскиот филм „Одија на телото“ (Body Odyssey) на Грација Трикарико, кој, како што истакнуваат од МКЦ, е преамбициозна приказна за 40 годишен бодибилдер опседнат со совршенство.

„Приказната допира длабоко во психата на спортистот“, додаваат оттаму.

Фото: МКЦ / Фејсбук

Шестата фестивалска вечер ќе заврши со концерт на „Сирил Сирил“ кој ќе започне во 23 часот во паркот на МКЦ. Според МКЦ, звукот на ова швајцарско музичко дуо составено од Сирил Јетеријан и Сирил Бонди претставува уникатен спој на фолк, психоделија и етно музика и создава хипнотичко и појно искуство за слушателите.

„Музиката на дуото е под големо влијание на традиционалните северноафрикански и блискоисточни ритми, помешана со модерни електронски елементи и експериментални техники. Вокалот на Јетеријан, придружуван од низа инструменти како тапани, гитара и оргули, создава атмосфера налик на сон и транс. Настапиите на дуото се познати по нивната енергија и интензитет, правејќи ги бенд што мора да го видите во живо“, заклучуваат организаторите.