Концерт на „Светлост“ со Кен Вандермарк и Паал Нилсен-Лав утре во МКЦ

Концертот на скопскиот колектив „Светлост“, заедно со Кен Вандермарк (Ken Vandermark) од САД и Паал Нилсен-Лав (Paal Nilssen-Love) од Норвешка ќе се одржи утре, 16 април, со почеток од 20 часот и 30 минути во Кино Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

„Од соработката на домашното трио и двете големи меѓународни имиња на современиот џез ќе произлезе и албум, а снимањето ќе се случи во Скопје, непосредно по концертот во МКЦ. Ова е веројатно прв случај една македонскa џез група да работи со гиганти од светската џез сцена, какви што се Vandermark и Paal Nilssen, нам добро познати и по настапите на Скопскиот џез фестивал“, велат од Скопје Џез Фестивал.

Препознатливи по својот спонтан пристап, разноликата жанровска естетика и бестрашниот однос кон звукот, Светлост успешно синтетизират џез, ноиз и амбиетални елементи, истакнуваат од џез фестивалот.

„Во периодот меѓу 2019 и 2020, тие објавија три албуми кои одлично беа примени од критиката и слушателите ‘Odron Ritual Orchestra’, ‘Jazz (to the working class)’ и ‘Six Years’. Потоа се случи и настапот на Скопскиот џез фестивал по што дојде и четвртото издание – ‘A Wave Returns To The Ocean’. На почетокот на 2024 беше објавен и нивниот последен албум, ‘Everything Was As It Had Been a Minute’. Следуваше плоден период, со настапи во поширокиот регион и со учество на повеќе локални музичари, од кои ќе произлезат и неколку нови изданија“, раскажуваат оттаму.

Проектот на Светлост со Кен Вандермарк и Паал Нилсен-Лов се реализира со турскиот продуцент Кан Инандим (Can Inandim).

Билетите можат да се купат онлајн на bileti.mkc.mk и на билетарата на МКЦ пред самиот настап.