Како дел од хуманитарната акција „Твоето малку е некому многу“, Женскиот младински хор при МКЦ – Скопје под раководство на Сашо Татарчевски вечерва ќе одржи концерт насловен „JazzToVoice“.
На програмата се џез аранжмани за женски хор а капела и женски хор придружуван од пијано. Како гостин на концертот учествува битолчанецот Иван Трајковски на пијано.
На програмата се следните наслови: “The nearness of you”, “Isn`t it romantic”, “Charade”, “Skylark”, “Stormy weather”, “As time goes by”, “Mona Lisa”, “Love is here to stay”, “Autumn leaves”, “All the things you are” и “Bim-bom” од композиторски имиња како Џорџ Гершвин, Џероум Керн, Ричард Роџерс, Хенри Мансини, Џеј Ливингстон и др.
Концертот ќе се одржи во Порта Џез со почеток од 21 часот.
Женскиот младински хор при МКЦ е наградуван хорски ансамбл, а постои веќе четириесет и шест години. Само во последните три години хорот се закити со високи награди на интернационални хорски натпревари во Романија, Полска и Словачка, освојувајќи 5 први места, шест специјални награди и една GRAND PRIX титула.
Сашо Татарчевски е професор на факултетот за музичка уметност и раководител на симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ како и професионалниот хор „Про Арс“ и Женскиот младински хор при МКЦ. Освен тоа, настапува и со Македонската филхармонија, МОБ и други ансамбли во Македонија и странство, а редовен член е и на неколку жири комисии на меѓународни натпревари и раководител на мастеркласи за диригирање.