Во рамки на серијалот концерти во скопскиот планетариум, на 4 април, со почеток во 21 часот, свој настап ќе има „ŠećeЯ“ од Хрватска.
„ŠećeЯ“ е соло проект на Тена Рак, млада кантавторка и мулти-инструменталистка од Вараждин, Хрватска. Нашата публика ја памети по нејзиниот матичен тинејџерски бенд „Vlasta Popić“ и нивните енергични концерти. По неговото распаѓање, Тена врти нова музичка страница, ги одмора тапаните и ја соголува душата. Нејзиниот деби албум насловен “Varijacije na tugu“ излегува во јуни 2017 година. Во моментов престојува во Скопје и работи на нов материјал заедно со продуцентот Дени Крстев во неговото “Студио 1060“.
Во неделата настапи во живо на Канал 103, а во интимната атмосфера на скопскиот планетариум ќе го има своето прво претставување пред домашната публика.