Концерти, изложби, дискусии и работилници на четвртото издание на „Омнибустопија“

Следниот викенд (16 и 17 септември) во МКЦ ќе се одржи четвртото издание на „Омнибустопија“, а организаторите најавуваат ексклузивни концерти, изложби, разговори и работилница за кат-аут анимација.

Организатор на настанот е АКСИОМА – Асоцијација за културна соработка и истражување: Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш, кој воедно е и дизајнер на каверот за настанот.

Програма:

16 септември, петок:

16:00 Џебно кино
Работилница на тема кат-аут (cut-out) анимација, наменета, пред сѐ, за млади луѓе, на возраст од 16 до 22 години. Со работилницата ќе раководи мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во соработка со уметниците-аниматори од Флипбук филм фестивалот, Жарко Ивановски и Крсте Господиновски.

20:00 Кино Фросина
Јавна дискусија за интерсекцијата меѓу уметноста, политиката и идеологијата. Политиката и идеологијата се преплетуваат низ сите пори на општеството. Уметноста не може да излезе од сенката на политиката и идеологијата. Ќе разговараме за моќта на уметникот да влијае врз политичките текови, но и за опасноста политиката да влијае врз уметноста преку цензура и себе-цензура на уметниците. Учесници во дискусијата ќе бидат реномираната уметница Христина Ивановска и активистот и политиколог Артан Садику, а модератор ќе биде Јордан Шишовски.

21:30 Галерија Фросина
Мултимедијална инсталација „Процеп“ на Никола Дрвошанов, мултидисциплинарен уметник, кој се занимава со анимација, дигитални медиуми, фотографија, колажи… Има работено како визуелен уметник и аниматор на голем број музички видеа, реклами, документарни, сериски и играни филмови, како и на неколку свои анимирани филмови.
„Процеп“ е пукнатина со поглед во некое друго време или можеби место каде што времето минува во кратки секвенци со испомешан редослед. Иако го гледаме, порталот за влез е затворен, но сепак рефлексиите и вибрациите ги чувствуваме, тие се реални.

22:30 Дансинг сала
Ди-џеј сет на DJ Drazi Drags

23:30 Дансинг сала
Заеднички концерт на Чиста околина и Светлост! Ексклузивно на „Омнибустопија IV“ и можеби никогаш повторно! Оваа несекојдневна сонична синтеза од само навидум неспоиви музички изрази, ќе се претстави со деконструирани и импровизирани верзии на песните на Чиста околина, кои во таква отворена и неповторлива форма ќе можете да ги чуете само овојпат. Минатата година, македонската хип-хоп институција Чиста околина, по пауза од 25 години од нивниот пионерски албум Новиот аспект на старата школа од 1996 година, го издаде својот втор албум Avant-garde fatiguée. Наскоро тие планираат да издадат уште еден албум. Во Скопје немаат настапувано од 2019 година. Светлост се енергично џез трио, кое создава музика на експерименталната раскрсница помеѓу фри џезот, панкот, авангардната електроника, спиритуалниот џез, лиричниот соул итн. Имаат издадено два албума како трио, и уште два како поширок оркестар. Првиот албум им беше избран меѓу 15-те најдобрите џез албуми за 2019 година на светско ниво на платформата Bandcamp. Едно е сигурно: овој уникатен хибриден бенд ќе ви понуди нешто навистина несекојдневно!
Чиста околина + Светлост се: Ицко (вокал, синтисајзер), Виџи (вокал), Јане (матрици и пратечки вокал), DJ Drazi Drags (грамофони и миксета), Нинослав Спировски (тенор саксофон), Дени Омерагиќ (бас гитара и електроника) и Кристијан Новковски (тапани).

17 септември, сабота:

16:00 Џебно кино
Работилница на тема кат-аут (cut-out) анимација, наменета, пред сѐ, за млади луѓе, на возраст од 16 до 22 години. Со работилницата ќе раководи мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во соработка со уметниците-аниматори од Флипбук филм фестивалот, Жарко Ивановски и Крсте Господиновски.

20:00 Кино Фросина
Јавна дискусија за новиот џез бран во Македонија, кој почна целата сцена незадржливо да ја носи во нови насоки и кон нови предизвици. Примери: изборот на албумите на групите Светлост, Taxi Consilium и Sethstat (сите издадени за PMGJazz) на листите на Bandcamp; големиот успех на Џијан Емин и неговите бројни оркестри и соработки со Франческо Беарцати, А.Р. Рахман, Дерик Меј, Лука Аквино, Архангел, Боб Стјуарт, Тони Китановски, Дамо Сузуки… Модератор на дискусијата ќе биде Вангел Ноневски, а гости ќе бидат истакнатите претставници на домашната џез сцена: Џијан Емин (Здружение на џез музичари) и Владан Дробицки (PMGJazz).

21:30 Галерија Фросина
Изложба на цртежи „NI/AI“ на Ертунч Сали, ликовен уметник од Скопје. Како еден од основачите на КЦ „Кула“, Сали има организирано разновидни културни настани и свои изложби. Во 2014 година го организира првиот настан во КЦ „Кула“, којшто воедно беше неговата прва самостојна изложба. Во следните три години бил член во повеќе групни изложби и организирал шест самостојни изложби.
Изложбата „NI/AI“ се состои од авторски дела, но и дела генерирани во MidJourney, AI-поддржана програма, која што текстовите ги претвора во слики.

22:30 Дансинг сала
Концерт на српското инструментално фанк-рок трио Popečitelji, кои постојат уште од 1994 година, оформени во Приштина, а денес со седиште во Крагуевац. По неколкугодишна пауза, минатата година Popečitelji го издадоа својот четврти студиски албум Uvek и, со тоа, го зацврстија своето место како една од конзистентно најквалитетните бендови во регионот. Нивните концерти редовно се паметат по енергичноста на настапот, виртузноста на инструменталистите и ентузијастичката рецепција на публиката. Бендот, исто така, стои зад издавачката куќа Druga stvar, која е специјализирана за промовирање и издавање инструментална рок/фанк/блуз музика од регионот. Во Скопје немаат настапувано повеќе од десет години. Не пропуштајте!
Popečitelji се: Саша Фуруновиќ (гитара), Горан Фуруновиќ (бас гитара) и Душан Лазиќ (тапани).

Од МКЦ информираат дека сите настани се бесплатни, освен концертите, за кои ќе се наплаќа билет од 200 денари. Блок билет за двата концерта ќе се продава по цена од 300 денари.

Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република С. Македонија.

Фејсбук настанот може да го најдете на следниов ЛИНК.