Концерти на „Парнепар“ утре и задутре во Скопје и Куманово

Во Скопје во Младинскиот културен центар во вторник (утре),  а потоа и ден подоцна во „Valhalla bar“ во Куманово ќе се одржат концерти на бендот „Парнепар“, кој доаѓа од вибрантната сцена од Загреб, Хрватска.

Од МКЦ велат дека вториот албум на „Парнепар“ отворено се осврнува на понеобичното наследство на екс-ју новиот бран („Шарло Акробата“, раниот „Електрични оргазам“, „Добри Исак“, „Дисциплина Кичме“, „Пекиншката патка“…), но и покрај тоа успева да биде интересно и свежо.

„Позајмувајќи ги препознатливите текстуални и инструментални мотиви од домашни и странски модели од крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите, ‘Парнепар’ успева да создаде свој, многу убедлив израз. И во однос на текстот и музиката, бендот се потпира на исклучително колажен пристап, кој постигнува чудност, но во неколку наврати и многу интимен исповеден/неисповеден впечаток“, потенцираат од МКЦ.

Од „Boiling Point“, организаторите на концертот во Куманово, „Парнепар“ ги најавуваат како чувари на југословенската art-punk и nowave сцена од 80-ите олицетворена преку компилациите „Артистичка Радна Акција“ и „Пакет Аранжман“.

„Доаѓајки од една вибрантна DIY панк сцена, и со предходно искуство во истата преку други бендови (на пример ‘Но Но Инстигејтор’ бенд кој настапи пред кумановската публика во 2017та година), ‘Парнепар’ го демонстрираат нивниот начин на свирење арт-панк инспириран од југословенската сцена’“, посочуваат од „Boiling Point“.

Концертите во Скопје и Куманово се во склоп на нивната 18 дневна турнеја по југо-источна европа низ Унгарија, Романија, Бугарија, Грција, Македонија и Србија.

И двете свирки во Скопје (11 април) и Куманово (12 април) почнуваат од 21 часот.

Во Скопје како домашно засилување се најавени „Вагина Корпорација“, додека во Куманово ќе свири „Димиш“.