Со концертот „Магијата на италијанската опера“ на италијанските уметници Антонио Сарнели Де Силва и Паоло Шибилиа. во четврток (22 јули) од 20:30 часот ќе биде отворен Фестивалот за современа музика МОДОАРС 2021.
На концертот ќе можат да се слушнат познати арии од италијанските опери, романси и канцони од Белини, Доницети, Верди, Тости, Леонкавало во изведба на извонредни италијански уметници.
„Баритонот Де Силва и пијанистот Шибилиа се познати музички артисти кои имаат голема интернационална кариера. Наполитанскиот баритон Де Силва во својата интензивна кариера вбројува концерти во САД, Германија, Швајцарија, Франција, Унгарија, Австрија, Грција. Антонио ги изведувал водечките улоги на познатите опери низ речиси сите италијански оперски куќи. Шибилиа е пијанист, композитор, уметнички промотор и диригент кој до сега изведувал преку 700 концерти низ целиот свет. Соработувал со бројни музички имиња, а настапувал и како солист со националните оркестери на Италија, Швајцарија, Русија, Украина, Молдавија, Албанија. Во дует со Де Силва ги освојуваат срцата на публиката низ многу земји“, најавуваат од Фестивалот.
Фестивалот МОДОАРС 2021 оваа година е посветен на италијанските уметници. Концерт ќе одржат и Алесандро Вена – пијано со премиерна изведба на етидите на Филип Глас и Ема Попивода – концерт за пијано “Dreamland” со музика од италијански автори. Фестивалот ќе биде издавач на музиката на пијанистот Маурицио Мастрини во придружба на македонскиот оркестар Профундис под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ.