Турската компанија „Калтун Мадденџилик“ доставила до Министерството за економија барање за едностран раскин на договорот за концесија заради немање економски интерес за понатамошно извршување на концесијата, информираат за Мета.мк од Министерството за економија.
Концесионерот се повикал на членот 52 од Законот за минерални суровини при поднесувањето на барањето на едностраниот раскин на договорот. Инаку, турскиот концесионер во август 2014 година го склучил договорот со македонската влада, со којшто требаше да ја експлоатира техногената минерална суровина на локалитетот „Лојане“. Договорот за концесија со компанијата важеше до 25.8.2024 година, односно до овој период тие можеа да вршат експлоатација на арсенот и другите отпадни материи.
Од турската компанија за Мета.мк информираа дека од почетокот на концесискиот договор до денес од јаловиштето во рудникот „Лојане“ успеале да продадат околу 60 тони од вкупната процената количина што се наоѓа на локацијата, а која што е во износ од околу 15.000 тони арсен сулфид.
Концесионерот ни изјави дека тие немаат должност за експлоатација на преостанатите околу 1.000 тони отпадна јаловина кај Табановце, бидејќи оваа локација не била вклучена во тендерската постапка.
Во меѓувреме, од Државниот инспекторат за техничка инспекција на 4 февруари годинава излегоа на терен и извршија инспекциски надзор во рудникот „Лојане“. Тие утврдија дека концесионерот го нема оградено просторот околу јаловиштето со арсен и други отпадни минерални суровини и немаат поставено информативна табла за опасностите кои демнат од опасниот отпад.
Воедно, инспекторите утврдиле дека на приодите до рудникот „Лојане“ не се поставени знаци за предупредување од опасност од користење на водата од јаловиштето – капење во таложното езеро, поење на добитокот на приодите и други активности кои би можеле да бидат опасни за населението и животните.
„Во однос на претходно наведеното од наша страна е издадено Решение за отстранување на недостатоци (да се огради просторот на јаловиштето со заштитна ограда и да се постави информативна табла за опасностите кои демнат од складираниот арсен и други минерални суровини, и на приодите да се постават знаци на предупредување за опасност од користење на водата јаловиштето“, се наведува во известувањето од Државниот инспекторат за техничка инспекција.
Мета.мк и Порталб.мк беа на терен во декември лани и утврдија дека двете локации кај Табановце и Лојане не се оградени и не се поставени информативни табли. Притоа, на само 100-тина метри воздушна линија од јаловиштето се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат ученици од шесто до деветто одделение. Тие се изложени на опасноста од вдишување на арсенот, а за евентуална дислокација на учениците во други згради во Лојане, Ваксинце или Табановце, од Општина Липково ни рекоа дека во моментов нема можност да ги префрлат учениците на друга локација, бидејќи бројот на основци што ја следат наставата е голем.
Покрај огромниот проблем со кој се соочуваат учениците од Лојане и Ваксинце, на втората локација кај Табановце исто така демне опасност. Локацијата е до железничката станица во Табановце и до кампот за мигранти, така што крај ова место има фреквенција на луѓе коишто не се свесни за опасностите од портокаловата материја расфрлана околу неоградениот простор на депонијата.
Мета.мк беше сведок на пасење на домашни животни во кругот на рудникот „Лојане“, додека до самата депонија кај селото Табановце имаше ниви со засадени земјоделски култури. Треба да се напомене дека станува збор за населени места во кои огромен дел од населението се занимава со земјоделство, но и постои огромен процент на невработеност.
Проблемот со арсенот во селото Табановце може да биде уште пострашен во иднина, бидејќи во непосредна близина на депонијата треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија. На оваа локација, треба да бидат сместени железничките работници, полициските служби, царината, фитосанитарните служби од двете земји, но и на бројни граѓани оваа точка ќе треба да им служи како премин за влез и излез од земјава.