По објавата на Мета.мк за состојбата со складираниот арсен и други токсични минерални суровини во јаловиштето во кругот на рудникот „Лојане“ и депонијата кај селото Табановце, од Министерството за економија иницираа барање до надлежните инспекторати да извршат увид и да преземат соодветни мерки доколку констатираат недостатоци на терен, објави Мета.
Инспекциски надзор треба да извршат Државниот инспекторат за техничка инспекција и Државниот инспекторат за животна средина, кои имаат надлежност и да изрекуваат казни. Ова следува откако Мета.мк до Министерството за економија испрати прашања со укажување дека на двете локации во Лојане и Табановце не е поставена ограда и информативни табли, коишто треба да го спречат влезот до локацијата каде што е складиран арсенот и да предупредуваат за опасноста од вдишување на арсен.
Да потсетиме, на околу 100 метри воздушна линија од јаловиштето во рудникот „Лојане“ се наоѓа основното училиште „Рилиндја“, во кое настава следат учениците од шесто до деветто одделение од селата Лојане и Ваксинце. Во близина на депонијата со арсен кај селото Табановце пак се наоѓа железничката станица и кампот за мигранти, така што постои опасност деца или неинформирани граѓани да дојдат во контакт со арсенот.
Мета.мк пишува дека веќе 10 дена пробува да стапи во контакт и со претставништвото на турската компанија „Калтун Мадденџилик“ во земјава, која што е концесионер за експлоатација на отпадните минерални суровини што се лоцирани во јаловиштето на рудникот „Лојане“. Но, нивните обиди биле неуспешни, и по телефон, и по мејл.
И Радио МОФ пишуваше на темата, а концесионерот тогаш тврдеше дека отпадот е веќе истражен. Пробале да продадат колку што можат, но земји како Кина и Виетнам ги затвориле своите граници за ваков тип материјал, па пробуваат да најдат и други пазари. Односно, рече тој, прво треба да се справат со отпадот што постои таму, па потоа ќе се прави ремедијација на земјата. Ајдин тврдеше и дека ќе завршат со процесот до 2024 додека им трае концесијата, иако локалното население рече дека досега не гледа активности на терен.