Еколошкото здружение „Здрава котлина“ во сабота во 13 часот пред Управниот суд организира протест насловен „Конечна одлука сега“, против рудникот Иловица-Штука.
„Откако ги промаши сите рокови во кои Еуромакс можеше да отпочне со работа, по нашата долготрајна борба, Владата конечно го одби нивното барање за работа, и им ја одзеде концесијата. Еуромакс вложи жалби и во меѓувреме започна обемна пиар кампања во медиумите, а се сомневаме и за друг вид кампања кај клучните функционери. Управниот суд и Вишиот управен суд почнаа да си играат пинг понг со предметите и само го одогвлечуваат процесот“, стои во најавата за настанот.
Протестот доаѓа откако Управниот суд ја отфрли тужбата на компанијата „Еуромакс ресурцес“ и ја потврди одлуката на Владата за одземање на концесијата Иловица 6 за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука.
Активистите тогаш посочија дека се задоволни од одлуката на судот и се надеваат дека ова е, како што рекоа, последниот круг на пресуди и дека случајот ќе биде окончан.