Конфедерацијата на синдикални организации најави голем работнички протест на Денот на независноста

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) најави голем независен работнички протест кој треба да се одржи на 8 септември – Денот на независноста.

Во најавата за настанот се посочува дека тие организираат протест во време кога сите цени на производите се во огромен пораст, кога животот станува се поскап, и кога за работниците, како што велат, нема најава за покачување на платите, додаток за работа во ковид кризата, исплата на хранарина за работа ноќе и популарно познатиот „К-15“.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески на прес-конференција посочи дека овој датум не е случајно одбран, додавајќи дека не може да разбере како работникот може да биде доведен до овој степен после 30 години.

„За сите овие 30 години беа кратени работничките права и ние како Конфердерација на синдикални организации на Македонија, на тој ден преку претставници на сите гранкови синдикати што се вклучени во конфедерацијата, а не има буквално во сите сфери, секој наш претставник ќе ги образложи кои се барањата, ставовите и кој е нашиот став за понатамошно делување“, вели Ристески.

Исто така тој посочи дека ќе испратат допис до премиерот Зоран Заев за да ги прими на средба, додавајќи дека исклучиво сакаат да разговараат со него, откако на 8 мај имале средба во Владата, но со негов советник.

 

Протестот е предвидено да започне во 11 часот од пред канцелариите на Независниот синдикат на полицијата кај поранешниот Скопски саем, и да продолжи кон Владата.