Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ денеска ја презентираше својата анализа на бездомништво во Македонија и одржа еднодневна конференција во Скопје.
На конференцијата учествуваа претставници од центрите за социјална работа, различни граѓански организации, Министерството за труд и социјална политика, психијатриски болници и шелтри кои ги дискутираа воедно причините за бездомништво, најефективните методи за негово детектирање и колкави се неговите размери за да претставува проблем во Македонија. Дискусиите од конференцијата ќе бидат вклучени во финалниот политички документ за бездомништворо во Македонија.
Џејмс Стејн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија изјави дека околу 100 милиони луѓе низ светот се без дом и околу 1.6 билиони луѓе живеат во несоодветни услови.
„Не постои универзална политика или законодавно решение за бездомништвото. Решението треба да има повеќесекторски пристап за бездомништвото во одредени услови. Како организација, „Паблик“ овозможува директен одговор на бездомништвото преку издавање и дистрибуирање на уличното списание “Лице в Лице“. Ние ја подржуваме и охрабруваме зголемената соработка меѓу граѓанските организации и институциите бидејќи граѓанскиот сектор е пресуден во процесот на разбирање на распространетоста на бездомништвото во Македонија и барањето адекватни решенија“, додаде тој.
Душан Томшиќ, претставник од секторот за социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика нагласи дека Министерството за труд и социјална политика изврши анализа на најсоодветните форми за згрижување на лицата бездомници во Македонија и констатирано е дека како најсоодветен модел на згрижување би било социјалното домување, односно обезбедувањето на долгорочно домување со поддршка или понатаму само долгорочно домување, кое ќе им овозможи реинтеграција на овие лица во општеството.
„Оваа форма најповеќе одговора на карактеристиките на бездомните семејства во Македонија.Како едни од дoбрите примери ги посочуваме програмите на Финска, Франција и други ЕУ членки, кои го промовираат пристапот „најпрво домување” (housing first), развиен во САД, кој треба да обезбеди надминување на долгорочното бездомништво“, вели Томшиќ.
„Истражувањето што го спроведе “Паблик“, во суштина, создава основа за мерење на бездомништвото согласно европската ЕТХОС типологија што во иднина се надеваме дека ќе овозможи соодветен пристап кон заштита на правото на домување и создавање регулаторна и институционална основа за негово остварување. Во исто време искреиран е и инструмент за мерење на длабочината на овој феномен, а и методски пакет за работа со бездомни лица“, изјави извршниот директор на „Паблик“, Климентина Илијевски.
Фрик Спинвејн, директор на ФЕАНТСА објасни дека пред се бездомништвото е процес, а не ситуација која постои сама по себе. „Тој процес може да афектира многу ранливи домаќинства во различни фази од нивните животи, а ЕТХОС е првата типологија од овој вид која го евидентира тоа“, рече Спинвејн.
Едно од клучните достигнувања на проектот е развивањето на методологија за мерење на бездомништвото (базирано на ЕТХОС – Европска типологија за бездомништво и исклучување од правото на домување) со цел да се монитoрираат и евалуираат постоечките политики за бездомништво во Македонија како и основање на првата дефиниција за бездомништво во земјава според ЕТХОС концептуалната рамка.
Во продолжение видео од конференцијата: