Само десет отсто од десет институции коишто имаат ингеренции во областа на справување со климатските промени, одговориле дека преземаат активности за ублажување и прилагодување кон климатските промени. Девет од нив комуницираат проблематики поврзани со темата. Дури 80 отсто рекле дека комуницираат пробламитики со граѓанските организации. Тие сметаат дека добар дел од нив имаат ниско ниво на информираност и знаење.
Ова се дел од заклучоците добиени по спроведување на два прашалника во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени“. Резултатите беа презентирани вчера на последниот ден на Националната конференција за клима, што во изминатите две недели онлајн ја организираа „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија.
Кристина Бужароска од CNVP најави дека Прирачникот со најдобри практики за комуникација на тема климатски промени треба да биде објавен наскоро на македонски, албански и на англиски јазик.
Прашалник бил доставен до 22 претставници од 14 владини институции и осум центри за развој на планските региони. Од нив, добиени се одговори од 10, а од нив само од еден центар за развој на планските региони.
31 граѓанска организација учествувала на анкетата. Направена е анализа на нивните потреби и капацитети, за кои беа организирани осум обуки. Половина од анкетираните одговориле дека барем еднаш месечно комуницираат со своите целни групи за климатските промени. На прашањето дали добивате информации од климатските промени од институциите и општината, 58.1 отсто одговориле потврдно. 20 организации одговориле дека ги информираат институциите за прашања од оваа проблематика.
Бужароска објаснува дека граѓанските организации треба да обрнат внимание на факти, стручни докази и мислења, да формираат ефективни пораки во процесот на информирање, да изградат доверба пред јавните институции и јавноста.
„Доколку сакаме да комуницираме во делот на национални и локални политики за климатските промени, најдобро е од институцијата која е одговорна за изработка на документот да побараме да се вклучиме во работната група за изработка на документот или преку ЕНЕР, на кој се објавуваат нови предлог-прописи и предлог-закони. На локално ниво, изградете партнерство со вашата општина во која дејствувате. Вклучете се во работни групи за размена на мислење и информации со граѓанското општество, во подготовка на буџет на општината, во развојните планови, изработка на стратегии и други планови на општината, како и во долгорочните и краткорочните инвестициски планови на општината“, вели Бужароска.
Правилен начин на комуникација и јасно пренесување на информациите за климатските промени доведува до зголемување на јавната свест, која пак го зголемува ентузијазмот и поддршката на јавноста, да стимулира мобилизација во преземање акции и мобилизирање на локалното знаење и ресурси. Зголемување на јавната свест се смета како важен прв чекор во преземање на процеси на адаптација кон климатските промени.
Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ цели кон зголемување на капацитетите, транспарентноста и одржливоста на граѓанските организации од различни сектори во земјата преку формирање на Коалиција за клима на национално ниво со цел поголема вклученост во креирање на јавното мислење.
„Институциите треба да изградат лесно достапни канали преку кои јавноста ќе може да се информира за донесените политики и спроведените извештаи и акции во делот на климатските промени, но и за исполнување на обврските кои државата ги има како потписник на Договорот од Париз. Државата има обврска да комуницира клима и да ги следи и транспонира меѓународните политики за клима“, вели таа.
Елена Николовска од „Еко-свест“ се осврна на тоа како се развиваше свеста ај медиумите кај нас за известување за клима во последните години.
„Кога се обидував да ги информирам медиумите пред некоја година и да протнам вести за клима, се случуваше да нема соодветна рубрика за тоа или имаше коментари од типот зошто воопшто да пишуваме за оваа проблематика. Во 2017 работите малку се подобрија. Тогаш добивме простор за вестите во клима, па ги стававме во вестите забава или култура, 2018 стигнавме до вестите од светот. И годинава имаме успех и се прилагодивме. користевме вебинари. Некогаш утринските емисии се најдобар простор. Мора да размислувате како да прикажете визуелно издржани приказни“, вели Николовска.
Таа ги советуваше претставниците на граѓанските организации да комуницраат што е можно повеќе со новинарите.
“Локалните новинари можеби немаат доволно знаење, но се клучни во комуникацијата на климатските проблеми со локалното население – секогаш пронајдете локална тема. Новинарите од националните медиуми можат да помогнат да се изврши притисок врз владата и институциите при изготвувањето на климатските политики. Регионалните новинари следат регионални теми и можат да помогнат да се изврши притисок врз владата од ЕУ и енергетската заедница. Споделувајте само веродостојни информации, истражувања и извори! Не создавајте паника. Критики – да, но понудете и решенија“, посочи таа.
Своето искуство пред присутните го сподели и Сања Наумовска, новинарка која долги години ја следи оваа проблематика. Еколошките теми генерално и тие за клима станаа многу поатрактивни и попристуни во медиумите во последните години, вели таа.
Според Наумовска, свеста на луѓето за важноста на овие прашања е зголемена. Повеќе се размислува за влијанието на климатските проемни, состојбите со водата, почвата, посебно воздухот посебно зашто е актуелност што ја живееме. Медиумите, вели таа, веќе увидоа дека еколошките теми, вклучувајќи ги и за климата доаѓаат до подобар прием и не ги одбиваат.
„Морам да забележам дека институциите се на пониско ниво и од порано во однос на отвореноста за соработка и се сведува на личен ентузиајзам на поединци. Мора да продолжат кампањите за јакнење на свеста и така ќе се наметнуваат овие теми во еден медиум. Треба да се користат дневните актуелности, вест е дека загадува некоја фабрика, да се изнесат анализи, податоци на таа тема, врзано со тој настан и со сите последии што ги живееме. За жал многу малку сме од новинари што ги третираме, редакциите имаат сѐе помалку новинари, имаат многу сектори и немаат време за свои истражувања. Сепак, се трудиме, работиме, можеме да го искористиме и моментот и тоа што сме малку па знаеме кому за што може да му се обратиме“, рече Наумовска.