Фондацијата „Метаморфозис“ и организацијата „Евротинк“ информираат дека на 28 јуни 2021 година, понеделник, ќе се одржи конференција на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“.
Настанот ќе се одржи онлајн преку платформата „Зум“, а во меѓувреме ќе има превод на македонски, албански и англиски јазик.
„На конференцијата, која ќе започне од 11 часот, ќе учествуваат носители на одлуки, експерти, активисти, новинари, функционери од земјата и странство кои ќе ги споделат своите ставови за тековните состојби поврзани со спротивставување на напливот на дезинформации и медиумски манипулации преку иницијативи за развој на медиумската писменост, критичкото мислење, проверката на факти и промоција на новинарската етика и стандардите за добро владеење“, стои во најавата за настанот.
Конференцијата, како што најавуваат организаторите, ќе понуди можност да се слушнат уникатни перспективи и да се учествува во енергични дискусии врзани со предизвиците и можностите во и вон дигиталната сфера.
Заинтересираните граѓани треба да го пополнат формуларот до кој може да пристапите на следниов ЛИНК. Регистрираните учесници на мејл адреса ќе добијат линк за настанот непосредно пред неговото одржување.