Во среда (29 ноември) во Младински Центар Охрид (МЦО) ќе се одржи Конференција за младинско претприемништво насловена „Иновации, млади и успешни бизнис приказни“.
Конференцијата е посветена на младинската невработеност, претприемништво, иновации и образованието за претприемништво.
Настанот се состои од 3 дела, односно панел дискусија на која говорници ќе бидат комуникологот Бојан Кордалов – модератор на панелот, Алмир Рахимоски – менаџер на операции во „The Perfect RIA“, Емилија Колоска – директор на маркетинг во на „Vinbee Natural Honey“, како и Јаков Јовановски – проектен менаџер во „Startup Macedonia“.
Вториот дел од настанот е наречен „Младински круг: ‘Претприемништво и вработување на млади’“ со Иво Ристески и Ангела Митеска – младински работници во МЦО, каде ќе се дискутира за предизвиците и можностите за вработување на младите, промовирање на претприемништвото и истражување на стратегии за поттикнување на претприемачкиот начин на размислување кај младите.
Исто така, е предвидена и работилница за развивање бизнис идеја со професорот Војо Илоски.
Како што велат од МЦО, конференцијата претставува одлична можност за вмрежување на младите и размена на идеи преку дискусија и неформално учење.