Конференција за образованието по природни науки и математика

Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 23 и 24 март ќе се одржува „Конференција за образованието по природни науки и математика“.

Целта е во време на чести реформи во образованието, преку предавања, излагања, дискусии, да се изведат заклучоци за состојбите во образованието, за потоа тие да се искористат за подобрување на идните стратегии и правци за престојните промени.

„Како наставен кадар и директни актери во образованието, сите ние чувствуваме потреба личните искуства да ги споделиме и низ разни активности на научен собир да ги согледаме потребите на учениците и наставниците, знаењето на учениците, оценувањето и постигнувањата на учениците во редовната настава и на меѓународните тестови, наставните планови и програми, методолошките пристапи, сите забелешки за и против Кембриџ програмите, користената литература, фондот на часови по природни науки и математика, модернизацијата на образованието – кога и како, професионалното усовршување на наставниот кадар, премините од предучилишно во основно образование и од основно во средно образование, дисконтинуитетот при ваквите премини, компатибилноста на наставните програми со потребите, инфраструктурната подготвеност на училиштата (лаборатории, практична настава), работата со талентираните ученици и се друго поврзано со работата во образовниот процес“, стои во најавата за конференцијата, чии организатори се Природно-математичкиот факултeт при УКИМ во Скопје и Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ),а во соработка со Сојузот на математичарите на Македонија (СММ).

Преку предавања на поканети предавачи од регионот, усни презентации, тркалезна маса и дискусија, велат организаторите, учесниците да се запознаат со добри практики во регионот, да се согледаат сите добри страни и недостатоци на образованието по природни науки и математика во Македонија.

„Врз основа на излагањата на учесниците на собирот и зборникот на трудови што ќе биде издаден, да се донесе заклучок за потребите, предизвиците, формите и правците каде треба да се насочиме при реформите во образованието по природни науки и математика“, се вели во најавата за конференицијата.

Повеќе информации за настанот, роковите и пријавите за учество ТУКА.