Овој викенд (14 и 15 декември) во деканатот на Медицински факултет во Скопје ќе се одржува Конференција за приказ на случаи, која е организирана од страна на Македонската медицинска студентска асоцијација- ММСА.
Конференцијата има цел темелно да ги истражи идеите и интересите на студентите по медицина и младите доктори и да им понуди можност да го презентираат својот труд.
„Таа ќе им овозможи на студентите да ги претстават своите истражувања во различни области, да ги споделат своите сознанија со своите колеги и професори и да ги разменат новите искуства кои ги стекнале. Покрај тоа, ќе бидат присутни повеќе од 200 студенти и над 25 професори кои ќе учествуваат на настанот. Целта на оваа конференција е да се поттикнат студентите по медицина на научно-истражувачка работа, да се мотивираат кон зајакнување на своите практични вештини преку следење на текот на целата болест кај пациентите со крајна цел – соодветна подготовка на идните доктори за својата понатамошна кариера“, најавуваат од ММСА.
Конференцијата за приказ на случаи обезбедува основа за дискусија за клучните наоди на клинички истражувања, извештаи за различни случаи и тераписки напредоци со некои од најеминентните професори на Медицинскиот факултет, додаваат организаторите.