Втората конференција наменета за млади „Чувари на мудроста“ ќе се одржи на 11 јуни (вторник) со почеток од 10 часот во Младинскиот културен центар во Скопје и ќе биде бесплатна за сите студенти. Младите ќе добијат можност да слушнат совети од професори, уметници, архитекти и стопанственици во нашата држава, како и да добијат и дополнителни стручни совети на работилниците за брендинг и бизнис-план за стартап компании.
Дел од учесниците кои ќе дискутираат на различни теми и ќе споделат совети за кариерен развој се професорите Мишко Ралев, Радмил Поленаковиќ и Бобан Мисоски, претприемачите Нина Ангеловска и Петар Ниновски, теоретичарката на уметност Искра Гешоска и психологот Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ.
„’Да не дозволиш да ти се исушат рапитографите’ е најдобриот совет кој сум го добил. А, тоа значи дека само постојаната работа и трагањето по вистинските вредности се единствениот начин да се напредува. Од друга страна, познато е дека добар експерт не е оној кој знае сè, туку оној кој е подготвен постојано да учи“, истакнува Ралев, архитект и декан на Факултетот за архитектура и дизајн.
Целата дискусија е замислена да се одвива во парови кои се од иста професија или со слична кариерна определба, а панелистите ќе ги споделат личните ставови и она во што веруваат.
„Немам универзален совет за сите млади, но би препорачала да се обидат да бидат во контакт со себе и да ги препознаат своите способности и предизвици, а ако не успеваат во тоа, да побараат стручна помош. И, можеби, следен чекор е да бидат креативни во барањето решенија за своите предизвици, зашто многу често заглавуваме токму поради тоа што повторуваме исти решенија, иако претходно не ни дале резултат!“, вели Гајдаѕис-Кнежевиќ, невропсихијатар и психотерапевт.
Заради ограничениот број присутни пријавувањето преку онлајн форма е задолжително.
Инаку, ова е втора ваква конференција во организација на „Халкбанк АД Скопје“ и дел од поголемата капања „Да ги слушнеме и гушнеме“, која започнала во 2022 година со намера да им даде глас на припадниците на повозрасните генерации и во чии рамки се спроведени повеќе активности, настани и работилници за пензионери и повозрасни лица. Конференцијата од 2023 година била наградена како најдобра конференција во категоријата „Најдобар самит“.