Конференцијата „DIVE 3: From 0 to 1“ со фокус на сиромаштијата и социјално претприемништво

Како социјалните претпријатија како бизнис модел можат да им помогнат на луѓето од урбаните и руралните средини? Како функционира фер трговијата (fair trade)? Како образованието може да помогне за пад на процентот на сиромаштијата во земјите, но и на кој начин колонијализмот сè уште профитира во Африка?

Ова беа дел од прашањата на кои се обидоа да одговорат учесниците на третата по ред интернационална младинска конференција „Нурни длабоко: од 0 до 1“, која трае од 24 до 27 октомври во Скопје. Денешниот, трет ден од конференцијата беше посветен на темата „0% сиромаштија и социјално претприемништво“.

Објаснувајќи ја економската состојба на Перу и начините на кои се третира сиромаштијата во три различни региони на земјата: крајбрежјето, планините и џунглата, Перуанецот Ренато Корсо ги презентираше социјални препријатија и начините на кои тие помагаат да се намали процентот на сиромаштија. „Laboratoria“ е социјално прептијатие кое дава IT курсеви на девојки и жени кои преминуваат во тутори и претпријатието „Hoseo“ кое за секоја купена јакна од нивниот бренд, подаруваат јакна на жител од планините. Во однос проблемот со сиромаштијата, Косато истакна:

„Економијата и начинот на кој се манифестира сиромаштијата во Перу е многу комплексен. Сиромаштијата е генерациска, а класната поделеност може и јасно да се види низ слоевите (населбите) на градот. Сиромашните живеат на перифериите и не можат да продрат низ слоевите. Знам дека е непристојно, но доколку вашиот брат е криминалец, многу веројатно ќе е и вие да сте криминалец. Едноставно, не знаете за нешто поразлично. Има случаи каде што семејствата кои едвај го преживуваат месецот, поседуваат телевизори и Sony Playstation. Кога ги прашав зошто така ги користат тешко заработените пари, тие ми кажаа дека само на тој начин можат да ги задржат децата дома, а не на улица каде што е многу лесно детето да стане жртва на силување или тепање, или самото дете да подлегне на криминал и пороци“.

Претставничката од Словенија, Жива Лопатиќ (,,Buna“) на присутните ја објасни генералната идеја и десетте начела според кои се води движењето за фер трговија и внатрешните проблеми со кои се соочува истото

„Сѐ уште постои место за промени во фер трговијата, но постоењето на таквиот систем е најголемиот доказ дека ланецот за снабдување може да функционира поинаку“, рече таа во своето излагање.

Исабел Фереира и Тереза Диегез од Португалија го презентираа своето социјално претпријатие „IPCA“ кое нуди курсеви за дигитална писменост и курсеви по ИТ за жени од ромска припадност.

„Преку неформално образование и методологија на активно учење ние се обидуваме на учениците да им ја објасниме дигиталната ера, истовремено давајќи обука како  да отварат свој мејл, електронски да закажат лекарски преглед и да купуваат онлајн,“преку примери Изабел ја објасни главната цел на „IPCA“.

Белиса Родригез, од Јужна Африка под мотото ,,0 толератност за обичниот бизнис модел“ (Zero tolerance to business as usual) претстави како Африка и нејзините жители се обидуваат да се справат економскиот нео-колонијализам кој ги искористува природните ресурси на овој континент.  Преку отворање на социјални претпријатија како „Akhen“ и „Iyeza“ чија главна цел е значително да го скратат синџирот на дистрибуција на лекови и храна, жителите на сиромашните, рурални места веќе нема да треба да трошат време и пари за да се снабдат со неопходите.

По излагањата на учесниците следуваа прашања од публиката во врска со проблемите, но и решенијата. Во неформалниот разговор кој следуваше, претставниците од другите земји почнаа преку примери да ги споделуваат искуствата од своите земји.

Интернационалната младинска конференција која се одржува во Универзалната сала во Скопје ја организира Младински сојуз (Крушево) со поддршка од Еразмус+ програмата и Европската комисија. Клучната цел на проектот е да придонесе во борбата против невработеноста кај младите преку создавање на поддршка за охрабрување на младите луѓе за создавање социјални претпријатија. Проектот беше спроведен во период од 15 месеци и учествуваат  претставници на повеќе земји меѓу кои Бугарија, Турција, Грција, Романија, Португалија, Перу, Јужна Африка, Костарика и Македонија.

Ивана Смилевска