Меѓународната федерација на новинари денеска во Даблин, каде го одржува 28-от конгрес, усвои барање со кое од македонските власти бара итно да го ослободат од притвор новинарот Томислав Кежаровски, информираат од Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Делегациите на Конгресот на Извршниот комитет на МФН му порачуваат да испрати итно барање до државните институции, Министерството за внатрешни работи, Кривичниот суд и до Канцеларијата на Јавниот обвинител, одговорни за неговото приведување и да побараат негово ослободување.
“Конгресот верува дека судската одлука за притворот е директен напад не само врз Кежаровски, туку исто така и врз слободата на медиумите и слободата на говорот во Македонија“, се вели во итното барање од Конгресот.
Делегатите дадоа целосна поддршка на новинарот Кежаровски и безусловно го поддржуваат неговото право да не ги открива изворите на информации.
“Светскиот конгрес на Меѓународната федерација на новинари го реафирмира ставот дека заштитата на изворите е право загарантирано со европското законодавство и меѓународните стандарди и основен принцип на новинарството. Тоа право јасно е посочено во членот 16 од Уставот на Република Македонија“, стои во документот.
Конгресот на МФН го осуди и приведувањето и притворот против Кежаровски за објавување на информација во 2008 година. Ургентното барање беше поднесено од претставниците на ССНМ и ЗНМ, кои учествуваа во работата на Конгресот на МФН.
Сопругата на новинарот Томислав Кежаровски, Марина Кежаровска денеска во изјава за Утрински весник, вели дека при последната средба со сопругот, тој и кажал дека е невин и не сторил ништо.
„Не знам што очекуваат од мене? Веројатно очекуваат дека треба да завршам како колегата Владо Таневски? Јас им кажав дека мене ќе ми судат судии, но ним ќе им суди Господ“, рекол Кежаровски, откако пред точно една недела му беше изречен 30-дневен притвор поради сомневање дека пред пет години во објавен текст, открил идентитет на лице кое во судска постапка имал статус на заштитен сведок, пренесува дневниот весник.