Радио МОФ во рамки на кампањата #Инфодемија како дел од „Проектот за младинско изразување“ поддржан од Европската Унија објавуваат конкурс за креативо меме поврзанo со актуелната пандемија Ковид 19.
Целта на конкурсот е да ја подигне свеста за важноста за вклучување на младите во општествени процеси, да се спротивстави на дезинформациите и да повика на одговорност за справување со пандемијата.
Право на учество имаат сите млади, на возраст од 15 до 35 години кои ќе ни достават меме на тема #Инфодемија – опиши ја пандемијата во едно меме. Мемињата можат да опфатат идеи, активности, настани или личности поврзани со тековните случувања со Ковид 19. Треба да дадат критика/мислење за начините на справување со пандемијата, да повикаат на одговорност, но и да помогнат за зачувување на менталното здравје.
Мемето треба да биде без вулгарности и говор на омраза, но апсолутно се дозволени духовитост и креативност. Секој учесник во конкурсот е дозволено да испрати по едно меме.
Мемињата треба да се испраќаат со име и презиме или под псевдоним, заедно со телефонски број на info@radiomof.mk, со назнака за „Награден конкурс за #Инфодемија“.
Најдоброто меме ќе го бираат нашите читатели и комисијата од Радио МОФ/МОФ. Конкурсот се отвора денес (13 ноември), а краен рок за испраќање на мемето е недела, 22 ноември, на полноќ.
Авторот на најдобрата илустрација ќе биде награден со ваучер во износ од 6.000 денари за ИТ опрема.
Со конкурсот, Радио МОФ ја затвора кампањата #Инфодемија. Во изминатиот период, под хаштагот #Инфодемија , Радио МОФ работеше на подкасти, анализи и текстови поврзани со пандемијата на Ковид 19, како еден од начините за борба со дезинформациите кои се шират побрзо и од новиот коронавирус.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.