Издавачката куќа „Феникс“ заедно со Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ распиша Конкурс за објавување книги на ученици од основните и од средните училишта во Македонија.
На конкурсот ќе може да учествуваат сите ученици кои сакаат да објават своја книга во новата едиција „Јуниор“, на оваа издавачка куќа. Од „Феникс“ најавуваат дека е планирано да бидат објавени десет книги од ученици во основните и десет книги од ученици во средните училишта. Рокот за праќање ракописи е до 15 март, 2016 година. Ракописите треба да бидат испратени во еден примерок на адреса: Издавачка куќа „Феникс“, ул. Костурски херои бр.35, 1000 Скопје.
Книгите ќе бидат објавени со средства од авторите (во зависност од обемот на книгите), а потоа и промовирани во Културниот центар „Феникс“ во Скопје.
Од „Феникс“ појаснуваат дека повод за да го распише овој нов конкурс бил големиот одѕив и пристигнати трудови од ученици на конкурсот за литертурни и ликовни творби на тема „Јас го разбирам светот“, кој заврши деновиве.