KСП Центар – Јадро преку отворениот конкурс за мурал ја започнува иницијативата за изработка на темпорални мурали кои ќе бидат изработувани на фасадата на центарот преку кои ќе се промовира уметноста во јавниот простор, истовремено промовирајќи го и истакнувајќи го отворениот модел на институцијата како простор во кој постои плуралност на идеи и изрази.
КСП ЦЕНТАР – ЈАДРО е прв пример на модел на јавно-цивилно партнерство во земјава преку кој организацијата сака да укаже дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и поврзување.
Учеството во заедницата, децентрализацијата, отвореноста кон новите социо-културни процеси, заемната поддршка и солидарноста се дел од целите на соосновачот, Асоцијацијата Јадро, за формирање на установата од областа на културата КСП Центар-Јадро и нејзиниот простор кој е достапен и отворен за независната културна сцена.
Оттаму велат дека ваквиот модел на институцијата е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и мисла, и новите облици на создавање социо-културни заедници.
Тематиката за конкурсот е отворена и слободна, а идејните а идејните решенија за муралот треба да ги отсликуваат основните начела/цели врз којшто се темели КСП Центар – Јадро.
На конкурсот право на учество имаат сите уметници кои се државјани или резиденти во С. Македонија. Уметниците можат да се пријават индивидуално или како групи/колективи.
Димензиите на ѕидот се 14 х 3,5 метри, а муралот треба да е изработен во периодот помеѓу 25 август до 15 септември. За изборот на муралот ќе одлучува тричлена жири-комисија составена од истакнати професионалци од областа на културата.
КСП Центар – Јадро обезбедува средства за материјали за изработка на муралот како и авторски хонорар.
Авторот/ите треба да приложат скици за муралот, краток опис за концептот како и кратка биографија во PDF документ со максимална големина 10MB на мејл адресата centar.jadro@gmail.com, најдоцна до 15 Август 2020 со назнака Конкурс за изработка на мурал и податоци за авторот/ите.