Издавачката куќа Темплум и порталот Окно распишуваат конкурс за расказ на тема Бегство – Приказни за бегалците, прогонетите, избрканите, авантуристите, несреќните…Темите можат да бидат различни, од љубовни до политички.
„Иако главниот поттик да го распишеме конкурсов се брановите бегалци од Блискиот исток што ја заплиснуваат нашата земја, феноменот Бегство нема само територијални или политички конотации“, посочуваат организаторите на конкурсот.
Расказите треба да бидат напишани на македонски јазик и да не бидат подолги од шест страници, т.е. не подолги од две илјади зборови. Нема ограничување во однос на бројот на раскази што еден учесник може да ги испрати на конкурсот.
Најдобрите раскази, според проценка на редакцијата на Окно, ќе бидат објавувани на нивниот портал. Најдобрите десетина автори пак ќе бидат наградени со по десетина книги во издание на Темплум.
Конкурсот ќе трае до 26 септември, 2015 година. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите е најавено во првата половина на месец октомври.
Расказите треба да се испраќат на адресата: konkursbegstvo@gmail.com.