Балканската дизајн мрежа распиша регионален конкурс Young Balkan Designers за 2016 година под слоганот „Ново аналогно“.
Повикот е отворен за сите членови на Балкан дизајн мрежата до 35 години возраст од Албанија, Австрија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција.
Зачленувањето во мрежата е бесплатно. Повикот е за креирање дизајн проекти – производи, концепти, сценарија, услуги, кои ја враќаат рачната изработка во процесот на производство и дизајн, директно поврзувајќи ги за материјали, занаети и техники што ги нуди балканската култура.
Конкурсот има за цел да истражи начини на кои Балканот може да активира и афирмира вредности од сопствени културни добра и придонесе во глобалната расправа за дехуманизација на процесот на производство.
Од дизајнерите се бара размислување за хуманизација на процесот на производство како и за начините за имплементација на локални вештини и занаети во современ дизајн со фокус на директно и непосредно вклучување на локалната заедница во процесот на решавање на проблемите и производство наспроти нивното фиктивно вклучување по пат на социјални мрежи.
Рокот за пријавување е 10 април. Повеќе информации за конкурсот и за начинот на пријавување може да се најде овде.