Агенцијата за пошти распишува награден конкурс за најдобро писмо „Напиши писмо со ракопис на срцето“ на слободна тема. Конкурсот ќе биде поделен во три категории – за деца до 12 години, за млади до 18 години и трета категорија за возрасни лица.
„Целта е да се обнови традицијата на пишување писма, да се стимулира креативниот однос на граѓаните кон интимната димензија на писмата и кон афирмирање на јазичната и писмената култура и традиција кои во историјата на светската култура има оставено неизбришливи траги“, соопшти Агенцијата за пошти, која за утре најави промоција на акцијата.
Право на учество ќе имаат сите граѓани на Република Македонија. Писмата треба да бидат напишани со личен, авторски ракопис, на македонски или на албански јазик, да не се претходно објавувани, да не содржат повеќе од 500 зборови и да ја имаат формата на обраќање до примачот.
Учесникот на конкурсот треба да наведе во која категорија ќе учествува писмото и на задната страна на ковертот да ја запише адресата на живеење. Дополнителни информации и контакт може да се испратат на посебен лист во истиот коверт. Дозволени се номинации само од авторите на писмата.
Писмата треба да се испратат во плик најдоцна до 14 април 2014, на адресата на Агенција за пошти (Поштенски фах 164, 1001 Скопје и со назнака: за награден конкурс – категорија…) .
Учесниците ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 14 мај 2014 година. За трите категории се предвидени по три награди: (3.000, 6.000 и 9.000 денари за прва категорија, 6.000, 9.000 и 12.000 за втората категорија и 6.000, 18.000 и 30.000 денари за најдобрите писма во третата категорија). Покрај парични, ќе бидат доделени и награди во книги.