Во тек е конкурс за доделување на 20 стипендии за студии од прв циклус и конкурс за доделување на 10 стипендии за студии од втор циклус на „Американ колеџ“ во Солун, за академската 2015/2016 година, информира Министерството за образование и наука.
Стипендиите, кои ги доделува Колеџот во Солун, врз основа на Меморандум за разбирање потпишан помеѓу Колеџот и Министерството за образование и наука на Република Македонија, покриваат 50% од вкупната школарина.
Кандидатите за стипендија за студии од прв циклус треба да имаат завршено четиригодишно средно образование, а оние кои конкурираат за стипендија за студии од втор циклус, потребно е да имаат диплома за завршен прв циклус на студии. Дополнително, сите кандидати треба да се државјани на Република Македонија и да имаат одлично познавање на англискиот јазик.
Студиските програми кои ги нуди Американ Колеџ во Солун за прв циклус на студии траат четири години, а кандидатите може да изберат една од следните студиски области: Бизнис администрација (Финансии, Меѓународен бизнис, Менаџмент, Маркетинг), Информатичка технологија (Бизнис и компјутери), Меѓународни односи или Англиски јазик (Јазик и литература и Комуникација и нови медиуми).
Постдипломските студии траат една година за редовни студии или две години за вонредни студии. Постдипломските програми се од областа на Бизнис администрацијата, со специјалности во: Банкарство и финансии, Претприемништво, Менаџмент, Маркетинг и Дигитален маркетинг.
Краен рок за пријавување е 16 мај 2015 година заклучно до 16:00 часот, при што заинтересираните кандидати треба да ги достават документите до: Министерство за образование и наука, ул.„Св. Кирил и Методиј“ број 54, 1000 Скопје.
Подетални информации, потребните документи и формуларот за пријавување се објавени на веб-страницата www.stipendii.mon.gov.mk.