Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, објави конкурси за доделување грантови за заеднички акции на граѓански организации и мали грантови за работни стипендии во граѓански организации.
Проектот на УСАИД за граѓанско општество е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Целта на овие конкурси е да обезбеди поддршка за граѓански организации од Република Македонија преку следните два вида грантови:
1. Грантови за заеднички акции на граѓански организации за поддршка на акции на граѓански организации, партнерства или мрежи кои ги поттикнуваат актерите на граѓанското општество на солидарност и здружување околу специфично прашање (грантови во износ до 25.000 американски долари);
2. Мали грантови за работни стипендии во граѓански организации кои ќе им овозможат на заинтересираните истражувачи и граѓански активисти да бидат вклучени во период од три до шест месеци во граѓански организации во Македонија (грантови во износ до 2.400 американски долари).
Крајниот рок за поднесување пријави истекува на 1 ноември 2013 год. во 16:00 часот (за грантови за заеднички акции на граѓански организации) и на 6 ноември 2013 год. во 16.00 часот (за мали грантови за работни стипендии во граѓански организации). Материјалите за пријавување се достапни на www.civilsociety.mk.
ФООМ ќе одржи информативни средби за конкурсите за доделување грантови на 26 и 28 октомври 2013 година во Куманово, Тетово и Берово. ФООМ ги поканува сите заинтересирани граѓански организации и активисти кои би се пријавиле на конкурсите на следниве информативни средби:
Куманово, 28 октомври 2013 (понеделник), 10:00 часот, Поранешен Комитет Куманово, кружна сала
Тетово, 28 октомври 2013 (понеделник), 14:30 часот, Општина Тетово, голема сала
Берово, 26 октомври 2013 (сабота), 18 часот, Хотел Манастир Берово
Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество –Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.