Студентското собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола распиша Конкурс за студентски правобранител.
Конкурсот се распишува врз основа на член 31 ставови 1 и 2 од Законот за високото образование, член 36 од Статутот на УКЛО и членови 34 и 35 од Статутот на универзитетското студентско собрание на УКЛО.
Кандидатите кои се пријавуваат треба да бидат редовни студенти на УКЛО и да имаат најмалку просечна оценка од 8.
Потребно е да достават пријава, потврда за редовен студент, потврда за просечна оценка од студиите од соодветниот факултет, кратко CV (биографија) во Europass формат и мотивациско писмо.
Кандидатите треба да ги достават потребните документи во рок од 15 дена од кога е објавен Конкурсот на веб-страницата на Универзитетот, веб страниците и огласните табли на Факултетите / Високата медицинска школа и Универзитетското студентско радио УКЛО ФМ (од 21.01.2020 до 04.02.2020 година). Тие се испраќаат до Конкурсната комисија при студентското собрание преку архивата на Ректоратот на УКЛО (ул.„Булевар 1-ви Мај“ бб Битола) со назнака „За Конкурсот за Студентски правобранител на УКЛО“.
„Документите кои се некомплетни или надвор од наведениот рок, нема да се разгледуваат. Во предвидениот рок, Конкурсната комисија, при разгледувањето на Пријавите и рангирањето на кандидатите за студентски правобранител, ги зема предвид, покрај основните услови и дополнителните критериуми за избор (активно учество во проекти, невладини организации и сл.), а по потреба може да направи интервју со пријавените кандидати“, стои во Конкурсот.
Универзитетското студентско собрание, на предлог на Конкурсната комисија, треба да утврди предлог за студентски правобранител најдоцна во рок од 8 (осум) дена по завршувањето на Конкурсот. Сенатот на Универзитетот треба да избере студентскиот правобранител најдоцна во рок од 15 дена по поднесувањето на предлогот.
Освен УКЛО, останатите три поголеми државни универзитети „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзтитет во Тетово, се уште немаат објавено Конкурс за студентски правобранител на своите веб-страници.