До понеделник (15 јуни) ќе биде отворен вториот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
За наградата може да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во Word или во PDF-формат), на е-адресата: pegaz@arslamina.com . Ракописите ќе ги оценува тричлено стручно жири.
Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември 2020 година.
Доколку и друг ракопис биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на ракописите што се второ и треторангирани.