„OCB Конопфест 2024“ под мотото „Ослободи ја билката“ по третпат ќе се одржи во Скопје на 20 април со почеток во 12 часот на новата сцена Лепеза. Идејата и целта на настанот кој е во организација на Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ е да се крене гласот за декриминализација на канабисот во медицински и рекреативни цели.
Јанаки Митровски од „Билка“ во разговор за Радио МОФ рече дека во Македонија многу малку се работи и се зборува за декриминализацијата на канабисот, иако во парламентот има три различни политички партии кои во своите програми се залагаат за легализација на канабис.
„Состојбата е многу уназадена, не можеме да кажеме ни дека е статус кво, затоа што ако Македонија во март 2016 година беше втора земја во Европа којашто легализираше канабис за медицински цели веднаш после Хрватска, Хрватска денес е светлосни години пред нас и имаат цели центри на море за лекување со канабис на најразлични состојби кои што нивната држава ги прифаќа, кај нас постапката од март 2016 не е мрдната од мртва точка“, изјави тој.
Покрај декриминализација на канабисот во рекреативни цели од Здружението бараат и зголемување на листата на целни групи кои може да користат канабис во медицински цели.
„Сметаме дека тоа е многу важно. Имаше една таква иницијатива во владината група која одржа три состаноци и ние бевме дел од таа група и главната иницијатива на лекарите беше да се прошири таа целна група која патем се проширува со обичен правилник кој што го прави Министерството за здравство, но во целост замре интересот на институциите иако ова е нешто што може многу лесно да се изведе“, рече Митровски.
Според него, овогодинешната програма на „OCB Конопфест 2024“ ќе биде збогатена со неколку диџеи, „фуд корнер“, и OCB катче каде што ќе се оддржи натпревар во ролање со награди за најдобрите тројца. За натпреварот досега пријавени се околу дваесетина учесници.
Како што најави Митровски, во наредниот период, Здружението „Билка“ планира да го организира вториот македонски канабис форум.
Инаку, по организацијата на Конопфест 2018 – „Една билка, еден живот“ и „Конопфест 2019 – „Билка што ЖИВОТ значи“, ова е трет фестивал во организација на здружението „Билка“.
Симона Паскоска