Младински образовен форум ја организира четвртата јавна консултација за ново студентско организирање која ќе се одржи во Скопје на 21-ви ноември (вторник) со почеток од 12:00 часот, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во старата сала на ННС.
Студентите ќе можат да ги споделат своите очекувања и ставови на првите отворени консултации за студентското организирање во Македонија.
Говорници на настанот ќе бидат: Марија Хорват, БЕСТ, Стефан Дојчиновски, Студентски пленум, Моника Митева, АИЕСЕК, Тамара Велковска, Европска асоцијација на студенти по право (ЕЛСА) и Мартина Илиевска, Младински образовен форум (МОФ).
Иницијативата за одржување јавни консултации со студенти, професори, студентски организации и други засегнати страни има за цел да ги прибере мислењата за нов модел на студентско организирање. Овие консултации ќе помогнат во дефинирање аргументи и предлози кои би се доставиле до надлежните институции за подобрување на решенијата во рамки на Закон за високо образование. Вакви консултации веќе се реализираа во Штип, Тетово и Битола.
„Ги охрабруваме сите заинтересирани студенти и останатите членови на академската заедница да присуствуваат на консултациите и да ги дадат своите ставови за тоа какво студентско организирање заслужува македонскиот студент“, стои во поканата за настанот.
Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.