Во Филхармонија овој четврток во 20 часот на програмата е концертот насловен „Контемплација со Перт и Шнитке“ на кој како солисти ќе настапат виолинистките Анна Кондратенко и Ева Богоевска.
Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се Кончерто гросо бр.1 од А. Шнитке, Трисагион од А. Перт и „Малата Данелиада“ од Г. Канчели.
Анна Кондратенко како солист и концерт-мајсторна стапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата во Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар (Mичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија.
Исто така, учествува на различни мајстер-курсеви (кај Z.Bron, D.Zigmondi) и фестивали, меѓу кои, Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни руски и меѓународни натпревари, меѓу кои се Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години го основа квартетот „Филхармонија“ од членови на оркестарот на Македонската филхармонија со кои има настапи на домашни и на меѓународни фестивали.
Моментно, работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на F.A.M.E.‘S Project во Скопје.
Ева Богоевска е добитник на многу државни и меѓународни награди, меѓу кои позначајни се: прва награда на фестивалот „Сан Ремо јуниор“ во Италија во 2012 година, потоа луреат од прв степен на реномираниот меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран-при наМеѓународниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк каде што како првонаградена реализира концертен настап во Карнеги хол.