Дали правдата е слепа? – ова е прашањето кое ќе се постави на новата средба на Контра кадар Скопје.
Токму во правец на ова прашање, ќе се прикажува филмот „Witness for the Prosecution“, или една од најдобрите адаптации на романите на Агата Кристи на големото платно. Ненадминливиот раскажувач Били Вајлдер(BIlly Wilder) заедно со прекрасната актерска екипа, предводена од Марлена Дитрих, води низ еден интересен заплет, кој на крај не остава да се прашуваме, каде е правдата?
Дали правдата е воопшто возможна? Што всушност претставува правдата? На овие прашања кои филмот отворено ги поставува ќе дискутираат професорите од Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ана Димишковска и доц. д-р Ристо Солунчев.
„Се надеваме дека подлабоко ќе навлеземе во правдата и правичноста во едно општество, со посебен осврт на нашето, македонско. Кое во последно време го мачи мислата, дали еден ден и за најголемиот чинител и за најмалиот чинител во него правото исто ќе важи?“, стои во поканата за настанот.
Проекцијата и дискусијата се закажани за понеделник (5 декември) со почеток во 19:30 часот во кино Култура. Влезот, како и секогаш, е бесплатен.